ЗА - кампања без глумејнци!?(пишува Валентин Груевски)

Септември 12, 2021

Почитувани пријатели, 

кога ќе ги читате овие редови, листите со кандидатите за градоначалници и советници веќе ќе бидат предадени во изборните комисии, нема да бидат официјално потврдени, и овие денови можеби е иделна можност да напишам неколку збора околу тоа каква кампања посакувам да има и што ќе бидат главните поенти на осмите по ред локални избори во Битола закажани за 17-ти Октомври.

Кандидатите се горе-долу познати, без поголеми изненадувања, имињата се насетуваа, и ако нема уште некое анонимно изненадување, Битола ќе има пет кандидати за градоначалници и десетина советнички листи. За моите очекувања од резултатите неколку пати сум пишувал и тука нема да се повторувам, и она што сум го напишал пред неколку месеци, стојам на истиот став.

ПОЗИТИВНА

Позитивна кампања  е онаа што, според мене, сакаат да го слушнат граѓаните и тоа во овој момент може да мобилизира гласачи. Ниту некој сака да верува, ниту сака да слуша, кој е поголем пијаница, кој е поголем арамија, кој има повеќе, а кој помалку пари. Заканите од типот, доаѓа време на одговорност, сите ќе лежите, сите во затвор, не проаѓаат и не минуваат. Кога велам позитивна кампања, мислам на кампања насочена кон сопствените, а не кон туѓите гласачи.

Посакувам  и помалку пцуење, вреѓање, малтретирање, омаловажување по социјалните мрежи, особено од лажните профили, кои толку многу се изродија во последниот период, што имате впечаток дека повеќе има лажни, отколку вистински профили, од истите блика  омраза и гнев кон политичките противници, без никакви ограничувања, без  влакно на јазикот, се фрла отров по секој кој различно размислува. Општо познато е дека се работи за млади луѓе, кои се натпреваруваат кој ќе напише побезобразна реченица и со истата ќе се фали кај другарите по бот.

УБАВА И ПРИРОДНА

Убава и природна е кампањата тогаш кога кандидатите, и во ова време прават, за нив, нормални работи, и нема да глумат дека секоја средина за нив е природна. За мене, кога кандидатот оди на изложба на слики, а никогаш во животот ниту видел слика, ниту пак изложба, повеќе го прави смешен, отколку што добива некој глас. Кога го претставуваат дека игра баскет со другарите, а тој мисли дека баскетот се игра со нога, наместо позитивни добива негативни поени.

Битола е релативно мал град. Во него скоро сите се познаваме, а ако некој некого не познава, тогаш сигурно ги познава неговите родители или пак децата, а луѓето не сакаат да гледаат нешто што никогаш не виделе. Тоа е како да Ви облечат убави, скапи чевли ама неколку броја поголеми, а тогаш тоа ниту е убаво, ниту е корисно. Битолчани добро знаат кој бил природен, кој достапен, кој го гледале и  кој разговарал со нив секојдневно. Тоа не се менува за 20 дена кампања.

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани