АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
КАКВА ПОНУДА ЗА ЛОКАЛНИТЕ
Наближуваат изборите за градоначалници и за советници на новите локални избори во државата. Се спремаат советничките листи и кандидатите за градоначалници, и тоа подеднакво сериозно и во партиските простории и „кујни“, а исто и во ,,независниот“ простор и од таму има се повеќе најави за учество на независни листи, како во Битола, така и на ниво на државата.
На големо се спремаат и програмите, во нив нешто ќе биди старо, нешто ново, нешто што е реално, нешто што е желба на предлагачите, ама гласачите се повеќе го истенчуваат својот вкус и длабоко размислуваат пред да го дадат својот глас. Глас повеќе лесно не се добива, и затоа тешко ќе бидат достапни гласовите од минатите избори, а советничкиот мандат изразен во гласови ќе тежи многу помалку од минатиот пат.
НА ИЗБОРИТЕ
Најголема шанса за добар резултат на овие избори ќе имаат оние кои ќе понудат соодветна, остварлива, реална програма која нема да биди обемна, нема да биди ,,тешка“ за читање, и во која нема да има мегаломански проекти. Концизно, јасно, прецизно наброени ветуваа со реални рокови за нивно извршување се во предност во однос на големи дела, за кои никој не верува ни кога ќе започнат ни кога ќе завршат. Понудата мора да биде и лесно разбирлива, бидејќи никој не верува во космички бродови или супер брзи возови подобри дури и од јапонските.
Многу малку се луѓето кои сакаат и имаат време да слушаат и да читаат петпарачки и вулгарни дебати од страна на политичарите. Ако пред триесетина години со задоволство се прераскажуваа со денови, вулгарностите кои си ги разменуваа политичките лидери, мислам дека таа политика, ако и воопшто беше политика, е далеку во минатото и денес, гласачот, сака да слушне мирен, пристоен, домаќински концепт, во кој ќе поверува дека ќе му промени дел од секојдневниот живот на подобро.
ХРАБРОСТ
Чесност, храброст, искреност и сериозност, се исто така битни работи кои граѓаните сакаат да ги препознаат. Ако влезете во кампањата со цврсто искажани ставови за најважните теми, ако верувате во она што го зборувате тогаш шансите се многу поголеми. Граѓанинот ја препознава лажната грижа, празните зборови, незнаењето и нема да ја даде поддршката на оние кои тоа ќе го промовираат. Сериозноста во квалитетот на листите, различните професионални профили и територијалната разместеност се основа за успех.
Овој пат нема да врви иронијата, сарказмот, исмејувањето. Тоа се само моментални забави на социјалните мрежи, ама никако не носат гласови. Ако наместо понуда, понудите вулгаризми, измејувања, недораснатости или некаков црн хумор, можеби тоа е забавно и интересно за некој, ама е далеку од тоа дека ќе го добиете неговиот глас.
Чесна и остварлива понуда, храбар, решителен и јасен настап без калкулации, сериозна советничка листа, ќе бидат клучот за успех на локалните избори.
Пишува Валентин Груевски претседател на Советот на Општина Битола, член на Либерално-демократската партија