АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
СОВЕТ
Ако нешто не можам да оправдам и да се помирам кога ќе слушнам или прочитам, тоа е потценувањето и обезвреднувањето на определен труд и работа, а особено кога сум директен учесник во истото и знам понекогаш колку за тоа, скоро секогаш, се троши енергија, се троши време, се убедува и се разубедува, за на крај да се стигни до определено решение, кое ќе биди најдобро за сите.
Во последно време, особено по социјалните медиуми започнаа одредени напади по работењето на Советот, дека таму ништо не се работи, дека се оди само да се земи паушалот, дека никого ништо не ги интересира, дека советниците тука доаѓаат за да кренат рака за некоја одлука и потоа безгрижно си заминуваат дома и дека не носат никаква одлука. Се разбира дека мислењето на мнозинството е одлучувачко, ама тоа е демократија, можеби не е совршен систем, ама подобар систем не е измислен.
МНОГУ ИНТЕРЕСНО
Е тоа што дел од напаѓачите, сакаат да влезат во Советот и сакаат да се членови на истиот. Зошто би влегувале во институција која не работи добро, која е омразена кај нив, навистина не разбирам, ама должен сум уште еднаш да појаснам што сработи Советот во овие четири години и што е неговата надлежност. Советот не носи поединечни одлуки поврзани со работењето на јавните претпријатија од типот каде ќе биди поставена канта за ѓубре, каде ќе има чешма, која тезга на кое место ќе биде поставена, а не носи и закони и прописи, и не може да влијае на државната политика.
Граѓаните треба да знаат дека без одлука на Советот и без негова согласност никогаш немаше да се случи ракометната платформа, Советот е сопственик на акциите во кошаркарскиот, фудбалскиот и ракометниот клуб и негови претставници има во управите на сите клубови. Без одлука на Совет, никогаш не можеше да се случи партерното уредување околу Офицерски, советниците ги одобруваат сите инфраструктурни градежни работи и го одобруваат секое реновирање и градење на секое улица
ЗАКОНСКИ
Е регулирано дека Општината има два органи, со речиси идентични овластувања, градоначалник и Совет. Перцепцијата во јавноста не е таква, ама регулативата тоа јасно го прави. Градоначалникот е должен да ги спроведува одлуките, грижејќи се за нивната законитост. Советот е сопственик на јавните претпријатија и со негово одобрение и одобрени средства започна промената на ЛЕД осветлувањето во градот, се реновираше градскиот пазар, беа одобрени средства за набавка на нови возила. Беа формирани и нови јавни претпријатија кои одлично си работат. Реновирани беа спортските терени и голем дел од внатрешните делови во скоро сите училишта.
Изградбата на Градскиот стадион, реновирањето на спортската сала, улицата покрај стадионот никогаш немаше да го видат светлото на денот, ако советниците не ги одобрат проектите и тоа треба да го знаат сите граѓани. Ниедна одлука не чекала ниту еден ден, ниту една одлука не остана замрзната, ниту една одлука не беше одолговлекувана. Затоа, тврдам, дека овој совет, одлично си ја заврши својата работа и однесе многу важни одлуки.
Затоа, тврдам дека без добар Совет нема добар градоначалник
Пишува Валентин Груевски претседател на Советот на Општина Битола, член на Либерално-демократската партија