2win800x200

МАЛОГРАЃАНСКИ ИНТЕГРАЛНИ ДЕБИЛИ

Август 23, 2020

Пишува: Александар Литовски

 

Нашата малограѓанска снобовска „елита“ е една инфантилна ситнокриминална орда, една класа составена од недозреани и недооформени нови буржуи. Тие, самите себе, се замислуваат и доживуваат како отмени, елегантни и рафинирани, а фактички, се грубиневоспитани, бессрамни и надуени хохштаплери. Тие ја сметаат за доблест и за предност својата „неинтелектуалност“. Тие се оксиморонично, ама вистинито – длабоко површни. Па дури и нивното незнаење е енциклопедиско. Со сопствената „неисторичност“, во која нема место дури ниту за сопствениот народ и држава, се фалат и ја истакнуваат во сите можни пригоди. Сепак, и покрај својата евидентна полуписменост, сите вакви „елитни“ малограѓани се разбираат од сè. Нема знаење што не е научно потврдено од нив, нема нешто што тие не можат да го разјаснат, нема нешто што тие не можат да направат, а нема ни место во светот, каде што не биле. Заради ваквата грандиозна неписменост и самобендисаност, во нашиот слабоморален град, многу често може да се види како нашите малограѓани одвратно осцитираат и ги потценуваат и понижуваат сите околу себе.

Во лавиринтот на самозаљубеност и епска себичност, овие малограѓански снобови станале доброволни експериментални глувци на сопствените ниски потреби и страсти. Францускиот современ писател, есеист и новелист Филип Мурај ја исмева таа снобовска група и нивната осредност како безделничарство, а таквите суштества саркастично ги именува како „интегрални дебили“. Тоа е она самопрогласено „елитно“ суштество што во пазарно-потрошувачки поставениот свет на луксузи и непрестана разонода, не сака да пропушти ништо и сè му е подредено и сведено на тоа. Тој интегрален дебил повеќе во ништо не се докажува и во ништо не е успешен, секако, освен во сопствената осредност. Кога веќе преку сопствениот животен стил се стекнале со „рафинирана имбецилност“, тие снобови купуваат „љубов“ и настојуваат неа да ја крунисаат со „свадба од соништата“. Така, иако многу често се ниски, дебели и грди, си купуваат мерцедеси и, веднаш, како да се допрени со волшебно стапче, таквата слика исчезнува од нивните огледала и од перцепцијата на ним сличните интегрални дебили. На крајот, нема никакви  дилеми дека овие наши малограѓански снобови се убави, фини и намирисани од надвор, ама однатре ги гризе р`ѓа и смрдат на кислојна, подлост, злоба и потпросечност.

Нивното расипништво, нивното богатство, нивното безделничење, нивната извештачена религиозност, нивните летувања со проститутки по „егзотичните“ острови, се плаќаат со страдањата и смртта на другите луѓе, ама таквите сознанија не допираат до нашите малограѓански снобови. За нив, тоа се само прокомунистички тривијални морализирања. Во нив се умрени и човечкиот разум и човечката добрина, па затоа се крајно свирепи во искористувањето и понижувањето на луѓето околу нив. Славниот и умен Епикур, подучуваше дека на таквите луѓе душата им тоне во бескрајниот растечки шум на тривијалното. Во нив е мртво сè, освен желбата за остварување профит и раскалашаност. Гледајќи ги нив, човек лесно може да увиди како се станува монструм, суштество слично на диво животно. Од нивната лажна и лигава куртоазија, од нивната ментална и морална грдотија, нормален човек од овој наш град може толку многу да се згрози и да добие такво големо гадење, што би можел да се задави во сопствената повраќаница. Затоа, се чини умно, некогаш е подобро да се остане во океанската тишина на сопствените четири ѕида, отколку човек да се провира по зачмаените и засмрдени сокаци на овој, како што прецизно го нарекува Александар Дима-синот, градски „демимонд“.

 

 

 

(Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите)

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани