2win800x200

Клетите даскали (пишува Димитар Пипилевски)

Октомври 31, 2020

 

 

Поводот за пишувањето на оваа колумна се коментарите на добар дел од граѓаните по изјавата на министерката Царовска за плаќање на дополнителните часови кои ги изведуваат дел од наставниците. Нема ни да се осудам да ги цитирам, бидејќи не заслужуваат трошење на букви. Но, ајде од почеток да разјасниме некои стигми околу просветната дејност.   

 

 ДОПОЛНИТЕЛЕН НАДОМЕСТОК

 

Ова не е ни ново, ниту нешто непознато. Како споредба, дополнителен надоместок добиваат многу работници за трета смена, празници и зголемен обем на работа или работни часови. Дополнителниот надоместок за кој зборуваше Министерката, не се однесува на сите наставници, туку само на оние чиј обем на работа е зголемен дупло. Имено, учениците до трето одделение имаат можност наставата да ја посетуваат физички, со исклучок на оние, што е легитимно, кои решиле да ја следат електронски.Според ова, наставникот треба да ги одржи часовите со физичко присуство, а кога ќе заврши, истите тие часови да ги реализира електронски, што значи дуплирање на работните обврски. И колку за информација, дополнителниот час се плаќа околу 100 денари.   

 

УСЛОВИТЕ ЗА РАБОТА   

 

Во моето училиште имам колеги кои работат во подрачните училишта кои за превоз до работното место плаќаат по 3600 денари, па според тоа можеме да пресметаме колкава плата добива тој наставник месечно, која и без патните трошоци не е ни блиску до 500 евра, како што стоеше во еден од коментарите. Во некои училишта дограмата е стара и по неколку децении. И наместо да се изборме заедно тоа да се промени и децата да останат здрави, логиката (секоја чест на исклучоците кои се надевам дека се во поголем број) е-НЕКА СЕ РАЗБОЛИ И ДЕТЕТО, АМА И КЛЕТИОТ ДАСКАЛ (И даскал не е навредлив збор, напротив е гордост).

 

ОСУМЧАСОВНО РАБОТНО ВРЕМЕ И ФОНДОТ НА ЧАСОВИ

 

Најмногу коментари „струјат“ околу работното време на наставникот. Точно е дека наставата не трае осум часа дневно, но работното време секако дека е осум часа, а некогаш и повеќе. Имено, по завршувањето на наставата, работата на наставникот не завршува- треба да ги спреми часовите за наредниот ден, да пишува еден/два/ три дневници, да спреми наставни ливчиња и тестови кои ги плаќа од сопствениот џеб, презентации... Фондот на часови на наставниците е 20 наставни часа седмично, што е пандан на 40 работни часа. Доколку наставникот нема полн фонд часови, зема плата само за оние часови кои ги има, во секој случај нецелосна. Сето ова е со цел да се запознаат граѓаните со работата на наставникот и, секако, не е ни пола опфатено од целокупните работни обврски. Се чудам од каде толкава пизма кон наставниците на кои им ги отстапувате своите деца половина од денот. Пробал ли некој да одржи барем еден час на повеќе деца и да види како тоа изгледа. И ете една идеја, не потценувајќи никого-да ги затвориме училишата, ние, ДАСКАЛИТЕ, ќе се вработиме по фабриките и ќе ја научиме работата за неколку дена, а вие родители, со исклучок на посовесните кои се надевам се во поголем број, учете ги физика, математика, англиски германски... Сочувствувам со сите кои имаат финансиски проблеми во животот. Посочете им го овај пример на децата дека наместо злоба и сеир, подобро ќе биде да научат да ги бараат и се борат за сопствените права, бидејќи од злобата и сеирот нема ќар. Но наместо тоа, кај еден дел од граѓаните преовладува ставот:

И ЈАС НЕ БАРАМ, АМА НИ ТИЕ ДА НЕ ДОБИЈАТ.

 

Поздрав,

 

Одам да спремам часови, иако е сабота.

 

Димитар Пипилевски

 

Наставник по германски јазик

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани