АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
ИСТИТЕ И ВЕЧНИ ХЕЈТЕРИ
Хејтер е жаргонски андерграунд израз за кој некои мислат дека го донеле урбаните тинејџери кои слушаат хип-хоп. Сега велат дека е кул да се биде хејтер. Постариот жаргон, интересно, нема многу изрази за ваков тип за омраза: ,,Го фати на заб“, „Ти фрли око“ а има многу пцовки и навреди.
Да хејташ некого, да бидеш хејтер-е англиски збор кој потекнува од глаголот, мрази (hate), и е популарен меѓу младото население, а има дополнително значење. ,,Ако сте хејтер, не сте само мразач, туку и негативен тип, трујач, личност која во сȇ и секого го гледа само лошото. Ако барате пример за хејтерски став, доволно е да ги отворите очите, да излезете на улица, и веќе при првиот чекор ќе сретнете хејтер кој ќе ви го расипе денот’’.
БИТОЛСКИТЕ ХЕЈТЕРИ
Се јавуваат за сȇ и сешто. Ги има најмногу на социјалните мрежи, ама и по кафичите.Тие мразат сȇ што се случува во градот, ги мразат успешните, ги мразат тие што заработуваат, ги мразат улиците, ги мразат градбите, ги трујат колегите и пријателите, лажно ги сакаат спортистите, а силно навиваат да изгубиме во секој спорт, за да можат да напишат некој ред и да имаат тема за вечерното кафе, имаат одговор за сȇ, го познаваат цел град и експерти се за сите теми.
Оваа недела коментираа дури и за бојата на Офицерски оти тие знаат како било во минатото, па дури и да се вратела белата и автентичниот изглед (не можев да поверувам во она што го читав), не веруваат во Ковид-19 и знаат дека треба нешто да се преземи, ама појма немаат што, ракомет не гледаат ама знаат дека мораше да победиме, знаат за воздухот, градежништво, улици, канализации, водоводи, знаат буквално за сȇ.
СЕПАК СЕ НАДМИНАА
Себеси со коментирањето на списоците за тоа кој сȇ добил клима, кој испаднал и зошто испаднал, кој на кој му бил пријател, кој на кој му бил вработен, кој од списокот од која партија бил, како да било тоа пресудно во доделувањето на климите. Дури еден и напишал дека тој не добил само затоа што бил толку горд што не сакал да фаќа пријатели и тоа за него било понижување. А сигурен сум дека немал комплетни документи и дека нешто згрешил, ама пуста суета никако да признае. Можеби и не аплицирал. Ама хејта.
Скоро 4.000 апликанти, односно 2.700 семејства на прелиминарна листа не можат да се договорат. 2.700 фамилии како членови нема ниту една партија во градот. 2700 да ги „наместите“ за први да аплицираат, ќе се согласите не е баш така лесно. А само бегло да го прочитате списокот, ама ако сакате, ќе видите дека има вработени од сите фирми, дека има професори, сегашни пратеници, дека има советници, директори, новинари, пензионери, комшии, колеги од работа, има од СДСМ, од ВМРО, од ЛДП, има од сите бранши, а ако некој тоа успеал да го изменаџира, тогаш секоја чест. Сакам да кажам дека не беше битна професијата и кој од каде е, туку беше битно да се исполнуваат условите од јавниот повик и од правилникот кој беше јавно објавен.
Пишува Валентин Груевски претседател на Советот на Општина Битола
(Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите)