2win800x200

НЕ на ДПМНЕ и грешките на СДСМ! (Пишува Димитар Пипилевски)

Април 12, 2024

Пишува Димитар Пипилевски - професор по германски јазик и член на СДСМ 

  

       Пред да започнам со анализата и моите лични ставови кон темата, да напоменам дека ова е чиста генерализација и се однесува на официјалните политики на ДПМНЕ, а не на чесните членови и поддржувачи на партијата и идеологијата (ако воопшто постои).

НЕДОСТАТОК НА ВИЗИЈА ИЛИ ЧИСТ ПОПУЛИЗАМ

        Над триесеттина години од осамостојувањето, сме аспиранти кон евроатланските структури и најголемиот дел од граѓаните таму ја гледаат својата иднина. На почетокот на деведесеттите години, земјава беше исправена пред многубројни предизвици, односно под знак прашалник беше доведено нејзиното постоење како самостоен субјект. Негирање од соседите; северно од нас бевме соочени со Милошевиќ, за кого видовме дека планирал поделба на Македонија. ЈНА си замина без ниту еден испукан куршум, собирајќи го цело оружје со кое располагаше на оваа територија. Мудриот Глигоров успеа во она што не успеаа неговите колеги во останатите републики од поранешна Југославија, односно по мирен пат земјава стана самостојна. Но тоа беше само почеток на тешките моменти кои следеа. Иако најголемиот процент од граѓаните се изјаснаа за самостојност, таа еднострана одлука не беше доволна земјата да биде дел од глобалната политичка сцена и големото семејство на народите. Според законот на посилниот, бевме условени од јужниот сосед со промена на нашето уставно име, со што се дојде до една крајно потребна одлука, земјава да влезе во ОН под привремената референца БЈРМ, со која одлука станавме полноправна членка, а со самото тоа бевме препознаени како држава, што не би било случај доколку не станевме дел од ОН. И тогаш, па и сега, оваа одлука беше напаѓана од ДПМНЕ како штетна и предавничка, играјќи на картата на сензитивноста на македонскиот народ, без притоа да признаат пред граѓаните дека без тој чекор, не би биле воопшто држава.

Од тогаш државата, иако со огромни тешкотии, започна да се гради, па така 2001 потпишавме договор за стабилизација и асоцијација со ЕУ, кој договор беше појдовна точка кон евроатланските аспирации. Иако мала и недоволно развиена држава, бевме чекор понапред од сите соседи кон тој пат. Државата цврсто „газеше“ кон европскиот пат, сè до доаѓањето на Никола Груевски на власт. Доколку претходно, од поголемите и помоќни земји, бевме препознаени како жртви врз кои соседите неправедно се однесуваат, со таканаречената АНТИКВИЗАЦИЈА (за која потоа се покажа дека се случила од чисто лукративни причини, а не патриотизам или идеологија), станавме држава која „боде очи“ и вината се префрли врз нас.

Денес, повторно сме соочени со предизвик, односно повторно треба да правиме отстапки според законот на помоќниот. Бугарија, која е полноправна членка на ЕУ (иако ако не се случеше нашите соседи немаше да бидат во надмоќна позиција, бидејќи ние ќе бевме членка пред нив), како услов за влез достави луди, нецивилизирани, неевропски барања. Македонија повторно се соочи со предизвик, но заради гео-политичките случувања и притисокот на нашиот сојузник САД, тие нивни барања се сведоа на само три, кои во никој случај не го оспоруваат нашиот идентитет, туку напротив, со внесувањето на Бугарите во нашиот устав се прави јасна дистинкција помеѓу двата народи. ДПМНЕ, за жал, не успеа да ја согледа новонастаната ситуација, која е далеку поповолна за нас од претходните бугарски барања или, пак, повторно играат на картата на емоциите на македонскиот народ, што е чист популизам. Попречувањето на овој процес, што е јасна цел и став на ДПМНЕ, ќе ја врати Македонија неколку чекори назад и сите следни барања (поучени од историјата) ќе бидат понеповолни за нас, бидејќи времето секогаш работи за посилниот.

ТОТАЛИТАРИЗАМ И СТИРОПОР

      Во еден плурализам, менувањето на власта е честа појава и се сфаќа како борба на идеи и идеологии. Ние се привикнувавме на овој нов систем и брзо фативме чекор со демократските процеси и во однос на идеолошките разлики се водеа дебати, се разменуваа мислења, честопати критиките кон идеолошкиот противник беа конструктивни, имавме слобода на говор, суверенот-граѓанинот јавно можеше да ја критикува власта (тука не мислам само на власта на СДСМ, туку и на тогашната власт на ДПМНЕ, предводена од Љубчо Георгиевски), односно фативме чекор со демократските процеси и полека, но сигурно, наликувавме на демократско општество со сите карактеристики. Сè до доаѓањето на Груевистичкото ДПМНЕ на власт. Преку ноќ, дебатите и борбата на идеи станаа измислена именка, ДПМНЕ се постави инквизиторски и ги подели граѓаните на патриоти и предавници, партијата стана „светост“, членовите и функционерите на ДПМНЕ не смеееја да имаат различно мислење од лидерот и раководството и полека, Македонија од „светла“ точка на Балканот, стана заробена држава. Слободната мисла, доколку не соодветствуваше со ставовите на ДПМНЕ, беше анатемизирана, новинарите беа поделени на подобни и неподобни, а доколку граѓанинот како индивидуа се осмелеше да критикува, можеше да се збогува со некои привилегии и права кои му припаѓаат по Уставот (ч. вработување). ГРУЕВИЗМОТ продре во сите пори на општеството. Функциите се делеа по принцип на послушност, а не по принцип на способност. Патриотизмот стана ексклузивитет само на ДПМНЕ, додека сите кои имаа различно мислење беа предавници, соросоиди, комуњари итн.

Но под превезот на патриотизмот се случуваше организиран грабеж на народот, а судиите од тефтерчињата и полицијата на ВМРО-МВРО не само што не делуваа против ова, туку беа и и директни соучесници во грабежот. Од таканаречените бомби можевме да слушнеме како влечат човечиња за уши, се носат луѓе од Пустец да гласаат, само подобните добиваа социјална помош, ин-витро само за погодни кандидатки и сл. Големите патриоти го нарекоа Блаже Конески ЏУЏЕТО ОД НЕБРЕГОВО, лустрираа еден куп великани, меѓу кои и авторот на првиот македонски роман, се обидоа да ја стават во мирување Катедрата за македонски јазик, отворија факултети во секое село не сметка на двата најстари универзитети во Македонија, кои свесно ги пропаднаа (најверојатно заради неизлечени фрустрации на одредени лица кои не можеа ниту да се запишат ниту да завршат таму), на платен список имаа новинари чија единствена задача беше да го величаат ДПМНЕ и лидерот, додека новинарите кои се осмелија да истражуваат и да се спротивстават беа затворани, казнувани и бркани од работа. Се затвораа телевизии, се рушеа згради, се уништуваа бизниси, само затоа што не размислуваа како лидерот и врхушката на ДПМНЕ.

Како капак не сè, се случи и проектот Скопје 2014, за кој подоцна се увиде дека служел само како начин да се ограбат граѓаните (како возврат добија кичести згради од стиропор и споменици).

Доколку наброиме сè што се случуваше, текстот ќе биде со обем на руските класици.

Но и покрај повикот за линч, Ноќта на долгите ножеви, закани и тепање пратеници, оваа власт, со помош на Шарената револуција, беше отстранета и се појави надеж дека повторно Македонија ќе биде нормална држава.

Новото ДПМНЕ (барем така се прокламираат), требаше да биде реформирано и да научи од грешките. А од сето ова што го видовме досега, ДПМНЕ е повторно кочничар на просперитетот на државата, повторно народот е поделен помеѓу патриоти и предавници, а со составувањето на техничката влада, ова малку време кое се дограбија до некаква власт ја искористија за повторно апсење на новинари кои критикуваат, лиферување лажни анкети и вести, а не се ретки и честите претења, тепање на новинари, физички пресметки, односно сè она што се случуваше за време на Груевизмот, повторно е пред нашите порти.

Затоа, на 24. април и 8. мај, граѓаните кои повторно  го препознаа ГРУЕВИЗМОТ, ќе кажат НЕ на ДПМНЕ.

ВИЗИЈАТА И ГРЕШКИТЕ НА СДСМ

        Далеку од тоа дека СДСМ е совршена партија, но историјата ни покажа дека во најклучните моменти, токму СДСМ покажа храброст, подготвеност и визија и ги направи храбрите чекори кои ниедна популистичка власт не би се ни осмелила да ги направи. Договорот за стабилизација и асоцијација нè доближи до западниот свет, Преспанскиот договор ни ги отвори вратите кон НАТО (тука е вредно да се напомене дека доколку ваков договор се направеше претходно, отстапките ќе беа значително помали). Денес сме исправени пред нов предизвик, отворање на уставот и вметување на Бугарите во него, чекор со кој ниту се загрозува нашиот идентитет ниту ќе произлезат други барања после него (тоа јасно ни го посочија и ЕУ и САД).

И на крај, не би бил прав социјалдемократ доколку не ги нотирам и грешките кои СДСМ ги направи изминатите години. Ќе спомнам три сегмента во кои или не направивме нипто или пак тоа беше премалку.

Здравство. Иако тука се направени извесни чекори (зголемување на платите на лекарите и медицинскиот персонал), сепак, тоа е премалку во однос на очекувањата на граѓаните. По составувањето на новата влада, која сум сигурен дека ќе ја предводи СДСМ, веднаш да се конструира буџет кој целосно ќе ги опреми и реконструира медицинските центри, а и чекор кој ќе ги задржи медицинарите во државното здравство (тоа е и ветено во новата програма).

Судство. Тука би бил прилично краток; целосно реформирана независна судска власт, ветинг, закон за потекло на имот (граѓаните сè уште го чекаат бројчаникот на триумфалната капија, кој би броел и вмровски криминално стекнати пари, но и пари одземени од функционери на СДСМ, ДУИ, ЛДП...) и закон со кој злоупотребата на функциите нема воопшто да застаруваат, а казнениот систем да се изедначи со делата кои добиваат највисоки казни.

Образование. Тука сум малку и емотивен и ќе истакнам дека во овој сегмент ги направивме најголемите грешки. Бидејќи, пред промената на власта и демонтирањето на Груевизмот бев дел од составувањето на новата програма во образование, категорично тврдам дека тука имаме најмал процент на реализација во однос на ветеното. Сè уште имаме еден куп непотребни предмети, сè уште училиштата, поготово во Битола, се руинирани (иако претходната локална власт на СДСМ направи многу за училиштата за еден мандат), и она што е најголема грешка (според мене, а и според најголемиот број колеги), новата концепција за која сè уште не сме подготвени (во голем дел од училиштата нема ниту интернет ниту компјутери), а и спојувањето на предметите ќе биде голем проблем подоцна.

И покрај ова, за кое верувам дека дека ќе се има слух да се поправи во следниот мандат, СДСМ е најдобрата опција која се нуди и е можност земјата да стане модерна и европска. Потребна е и дополнителна демократизација на партијата (чекор кој го направивме со избирање лидер на внатрешно-партиски избори). Бирањето на кандидати за пратеници, градоначалници и советници да се врши, исто така, со избори од цело членство, за што сум сигурен дека ќе се случи, затоа што во СДСМ владее демократијата, размената на идеи, што не е случај, ниту во блиска иднина и ќе биде кај нашите политички ривали.

 

 (Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите)   

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани