2win800x200

Лицитација со идни кандидати за градоначалник и советници (пишува Валентин Груевски)

Февруари 12, 2021

 Пишува Валентин Груевски претседател на Советот на Општина Битола 

ИЗБОРИ 2021

Иако до следните локални избори остануваат осум месеци, а до почетокот на кампањата, односно до запирањето на сите процеси по јавните служби околу шест месеци, ќе се обидам, со цел ризик да погрешам, да ги напишам контурите на идната локална власт и моите предвидувања за распоредот на силите во идниот локален совет. Во политичките кругови наголемо се лицитира со идни кандидати за советници, со идни кандидати за градоначалници и се слушаат најразлични прогнози како и што ќе се случи.

Сакам да потсетам на изборите на претходните избори на кои коалицијата За живот во Битола извојува апсолутна победа, освојувајќи на советничките листи над 26.500 гласови, апсолутна надмоќ во советот со 17 советници, и над 33.000 гласа за градоначалник. И едниот и другиот резултат беа историски највисоки во плуралистичка Битола, и нема теоретска шанса некој да ги повтори во брзо време.  Причина за ваков резултат не може да биди една, се работеше за многу склопени коцки во едно време и на едно место. Квалитетна понуда, и програмска и човечка, одлично изработена кампања, победнички дух, тимска 24 часовна работа и ентузијазам, бран на незадоволство од претходната власт и лош противник.

ОКТОМВРИ

Оваа година, октомври нема да биди ист како октомври 2017 година, ама можат да се повторат  и ќе се повторат одредени работи. Сигурен сум дека сегашната власт ќе го има наредниот градоначалник и нејзиниот кандидат ќе победи. Разликата нема да биди голема како на претходните избори, ама ќе биди сосема доволна за победа на кандидатот на власта. Со политиките кои ги промовира локалната опозиција, пред да почне натпреварот, таа губи со 2 до 2,5 илјади гласа, а таа разлика нема шанса да ја надомести со никаква кампања или понуда, бидејќи одамна ги изгуби овие гласови со своите непромислени потези. Се разбира дека мислам на гласовите на националностите, кои никако нема да одат на контото на опозицијата.

Опозицијата досега требаше да има соодветен кандидат и истиот силно да го промовира и да застани зад него. Во овој момент го немааат и не се брзаат многу да го најдат. Влегуваат во огромна грешка и наместо нејзино брзо решавање, само го потурнуваат по тепих. Имаат се, Патриотски институт, ветерани, жени, поранешни функционери, коалициони партнери, ама најважната работа во овој момент ја немаат. Немаат кандидат. Можеби има некој кај нив желба, ама победнички фаворит, во овој момент многу тешко. Се разбира, кога велам опозиција мислам на Вмро-Дпмне, бидејќи се друго освен нив, на овие избори ќе биде само изборен фолклор.

БИТОЛСКИОТ

Совет ќе биде многу шаренолик. Како што сега стојат работите  во него ќе има претставници на најмалку седум листи и многу тешко ќе биди составувањето на стабилно мнозинство. Ако претпоставиме дека ќе има ниска излезност, советникот ќе ,,тежи“ многу помалку и затоа ќе има многу листи кои ќе учествуваат во идниот совет. Предност ќе има сегашната власт, која ќе го има градоначалникот, а од таа позиција е полесно да се состави мнозинство. Истото ќе биде составено од претставници на најмалку три, а можеби на четири листи и ќе треба многу политичка тактика истото да се состави. Од кога ќе биде составено, ќе бидат потребни уште многу повеќе напор, истото да се одржува четири години.

Немањето на доволно партнери надвор од партијата, неквалитетни коалициони партнери, немањето на сенс за создавање на политички пријатели надвор од општинскиот комитет, ја става опозицијата во понеповолна ситуација и на овој терен.  Сигнали дека може нешто да поправи во тој правец, нема на повидок. Се разбира, најголемата кочница во овој правец е реториката која се нуди и која сеуште наликува на реторика од пред триесетина години, не разбирајќи дека веќе навлеговме во 2021 година, а таму владеат некои други вредности.

(Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите)     

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани