АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Пишува Валентин Груевски претседател на Советот на Општина Битола
СОЛИДАРНОСТ
Солидарноста е поим кој најчесто се однесува на поврзаност, взаемна соработка или помош помеѓу поединци, групи или поголеми групи, посебно во услови на појава на тешки ситуации или природни катастрофи. Друштвената солидарност е исклучителна морална појава, со која се изразува општ став за хуманоста, меѓусебната помош, разбирањето и заедништвото. Како насока, солидарноста е карактеристична за верските, хуманистичките, невладините и многу други организации. Се практикува на ниво на односите на поединците, групите, регионите, државите, а во посебни случаи и на меѓународно ниво.
Ова е првата, најосновната и неједноставната дефиниција за тоа што претставува солидарноста и кој и како ја практикува. Истата можете да ја пронајдете со еден многу мал напор, со обично едноставно интернет пребарување, и секој кој сака може многу лесно да ја разбере, само ако има желба да ја применува. Сите останати остануваат заробени во својот свет, не разбирајќи дека не се сами и дека без минимум солидарност, нема да можат да опстанат во овој свет.
СОВЕТОТ
Советот на Општина Битола на вчерашната седница, на предлог на советник од власта донесе одлука за помош на изгорениот трговски центар „Глобал“ во Струмица, со симболична помош од 150.000 денари, или 2.500 евра. Со овие пари ниту трговскиот ќе го изградиме, ниту ние ќе се осиромашиме, ниту ќе бидеме побогати, ниту па нешто во Битола ќе остани недозавршено, поради оваа човечка помош, кон наши сограѓани кои го вадеа лебот во овој трговски центар.
Со чудење ги ислушав опозициските аргументи и нивното спротивставување на оваа симболична помош, споредувајќи ја со некои објекти во Битола, нарекувајќи ја глупост, и кажувајќи дека тоа е приватен објект. Ама заборавајќи дека стотици семејства таму заработувале за живот, ги прехранувале своите фамилии, биле за различни партии, различни етникуми, возрасти и потекло.
НИТУ ПРВ НИТУ ПОСЛЕДЕН
Ниту прв ниту последен пат е Советот да носи вакви одлуки и да помага, а советниците да ја покажуваат својата колективна солидарност. И секогаш тоа биле едногласно донесени одлуки, без разлика кој бил на власт, а кој бил во опозиција. Сме помагале за поплавите во Албанија, за поплавите во Хрватска и во Србија, за опожарениот Бигорски манастир и многу други слични одлуки. Ама вчера не се успеа. Не знам дали беше омраза или гнев, ама беше многу силно.
И на крај, ако не беше таа солидарност, не знам дали во светот, работите ќе беа вакви како што се во моментот. Без заедничка помош, без луѓе, со големо Л, кои помагаат, без светската солидарност, голем дел од градовите, државите, светското наследство по природните катастрофи кои ги преживеаја ќе останеа само во сеќавањето на нивните современици.