АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Пишува Валентин Груевски претседател на Советот на Општина Битола
БИТОЛА ЈА ЗАТВОРА(И) СПОРТСКАТА ПРИКАЗНА
Кога на крајот на 2019 година во еден од моите текстови напишав за една спортска желба која посакав да ми се оствари во 2020 година, а напишав и дека нема да е ништо страшно и малку да се задоцни некој месец и да дојде на почетокот на 2021 година, еден мој колега од работа, сега пензионер, инаку голем спортски вљубеник, ми се јави по телефон и ми рече, ако само половината од ова што го напиша стане реалност, јас ќе бидам еден од најсреќните битолчани.
Да парафразирам, тогаш напишав дека посакувам спортски викенд, во Битола, во кој ракометниот клуб во сабота ќе игра натпревар за прво место со Вардар, кошаркарите дерби во недела вечер со Работнички, а неделното попладне да биде резервирано за дербито помеѓу Пелистер и Шкендија. Се разбира во сабота сабајле да погледаме и малку куглање, во нова куглана, и сето тоа пропратено на нова трибина, реконструирана спортска сала и нова куглана.
ГОДИНА И ПОЛ
Година и пол после јавно искажаните и со многу храброст напишани желби, нивното остварување е веќе на дофат и сосема реално остварливо. Можеби и нема да биде во еден викенд, ама дека ќе биде е повеќе од 100% сигурно. Битола има два суперлигаши во ракомет и за следната година, Еурофарм Пелистер е во 16 екипи во Лигата на Европа, кошаркарски клуб кој сигурно ќе биде во првите четири, фудбалски клуба кој сигурно чекори кон опстанокот и на пат е да стане стабилен прволигаш. Битола доби и сериозно второлигашко кошаркарско дерби, полно со емоции и многу страст, и сето тоа ја надополнува спортската слика.
Кугланата е скоро готово, истото се однесува и за трибината на Стадионот, ќе има и рефлектори, спортската сала во најскоро време ќе започне да се реконструира, се реновира Ќумурното игралиште, се реновираа, ќе се реновираат и ќе се осветлуваат спортски игралишта по училиштата, уште еден фудбалски терен во Земјоделско училиште, со една реченица кажано резултати и инфраструктура која никого не остава рамнодушен. Морам да признам дека се јавува и еден сериозен проблем, а тоа е дека немаме доволно сали за тренинг и за натпревари.
ИГРАЧ НА КОЛОТО
Играч на колото од Пелистер, тренер на колото од Пелистер, асистент на колото Пелистер, најдобар стрелец Пелистер, скокови, одбрани, победен ГОГ, МЗТ, Шкендија, Татран, Работнички, Вардар .......низата нема крај, а мислам дека и нема битолчанец на кој ова не му е мило ( ги исклучувам поединците), и кој не сака ова да трае и да трае. Срамежливо, некои и почнуваат да посакуваат и трофеј во некој спорт, за кој никој од нас нема да има против ако дојде во Битола.
Многу ќе биде добро, ако цел овој позитивен од, биде посериозно поддржан од приватниот сектор, од битолските компании, кои мора да препознаат своја реклама, свое поголемо учество на пазарот. Нема подобра реклама од спортскиот успех и за компанијата и за градот во кој живееме.
На крајот малку и за скептиците, или оние на кои не им паѓаат добро успесите. Ги има се помалку, имаат се помалку аргументи, ама не значи дека се помалку гласни или се предале. Чекаат и најмал кикс на кое било поле, и веднаш креваат глава и ја земаат тастатурата в раце. Кога ќе разберат дека добриот Пелистер во секој спорт е успех за сите нас, ќе им биде многу полесно.
СКЕПТИЦИ
Скептици имало и секогаш ќе има. На почетокот беа многу и беа многу гласни. Многумина не веруваа во ракометната платформа, а и се уште не веруваат, барајќи и народски кажано, влакно во јајцето, ама аргументи имаат се помалку и помалку.