2win800x200

×

Предупредување

JUser: :_load: Неможно вчитување корисник со ID: 802

На Битола ѝ недостига насмевката- интервју со Зоран Николовски, дипломиран архитект – сценограф

Февруари 24, 2021

Апла: Г-дине Николовски, овој разговор го водиме кај Вас во Вашето атеље, каде што има еден компјутер, слики, фотографии, проекти и многу макети. Зошто студиравте Архитектура ?

З.Н.: Колку што можам, да го вратам наназад моето сеќавање во детството, јас уште на 7 – 8 години, цртав куќи. Јас и ден денес се сеќавам на првата куќа што ме “инфицира”. Во нашето одделение, еден ден на гости ни дојде една девојка и на часот по ликовно образование, на таблата ни нацрта куќа. Се сеќавам дека наредните денови, безброј пати ја прецртував во тетратките и блокчињата. Веројатно, импресијата од цртежот на куќата врз школската табла била преголема. И така почна се'. После овој настан, цртав и многу други куќи, и се што правев понатаму, беше само логичен след на настаните. Средношколските денови ги поминав во “долната” гимназија, во Битола, на nasokata по aрхитектура, а потоа и студиите на архитектонскиот факултет во Скопје.

Апла: Што значи за Вас проектирањето ?

З.Н.: Проектирањето по дефиниција е творење- создавање. На таа “линија”, проектирањето на просторот, се идентификува со пра-почетокот на светот. Кога Господ Бог го создавал светот, најпрво го создал амбиентот за живеење: денот, ноќта, небото, воздухот, водата, животните...за да на крај (шестиот ден) го создаде човекот. Значи, новопроектираниот простор –архитектурата е предходник на човекот. Архитектурата е постара и од човекот. Во метафизичка смисла на зборот, секој творец, без разлика дали е архитект, сликар или поет, длабоко во себе ја има Божјата мисија, да создава, да проектира. Само што за разлика од Него, обичниот (овоземниот) творец понекогаш може да погреши...

Апла: Која карактеристика Ве води напред во работата?

З.Н.:Врз мојата непоколеблива убеденост во тоа што го работам, редовно и без исклучок, демне моето сомневање. Сомнежот мора да биде неминовност кај секој автор. Без сомневање, нема успех. И колку образованието е поголемо, толку сомневањето е поизразено. Широките научни хоризонти на душата, се сестри близначки со сомневањето. Не случајно, во Спасителот се посомневал Јуда Искариотски. Тој бил (неспоредливо) најобразованиот Апостол меѓу дванаесеттемина. Затоа, јас имам право да критикувам туѓи идеи и планови, бидејќи и кон себе сум ригорозен. И кон себе сум истиот.

Aпла: Што со оние кои не се согласуваат со Вас, со противниците ?

З.Н.: Нормално е да размислуваме различно. Нормално е и да не се согласуваме. „Секој човек е неповторливо чудо”, зборуваше големиот Достоевски. Секогаш имам разбирање за луѓето со кои не се согласувам, но секогаш сакам резликите да ги кажуваме фактогравски, аргументирано. Инаку, се трудам со таквите луѓе да се однесувам како школката со својот најголем непријател – песокот. Школката од тој градежен материјал го прави највредното нешто во својот живот - бисерот. Школката умира истиот миг, штом го заврши својот „проект”. Ете, гледате, не може туку-така, да се напушти овој свет. Мора да прво секој да го направи својот „бисер”, па, потоа да замине од овој свет. „Бисерот”, е пасош за оној свет.

Апла: Што ѝ недостасува на Битола од Ваш аспект ?  

З.Н.:Насмевка. И тоа, не онаа површната, која ја користиме после добар виц, туку онаа вистинската, што доаѓа длабоко од нашите срца. Таа насмевка моите битолчани ја заборавија, ја загубија некаде по пат. Јас знам дека расположението не е на копче, насмевката нема „off- on”. Насмевката доаѓа од расположението, расположението од задоволствата, а задоволствата доаѓаат, кога поголем дел од денот Ви е без проблеми. Проект е тоа, наука цела.

Сакате да одите на гости – ископани улици; имате средба со администрација – дојдете од понеделник; добивте желба за романтична прошетка со фамилијата – темни улици, прст пред око не се гледа,…..и така во недоглед.... И после, човек да има насмевка – не можи ! Јас немам илузија дека Битола може да биде како Токио или Дубаи, но Битола не смее да биде под човековите стандарди на 21 век. Широки авении со зеленило, чисти и осветлени улици, зелени паркови со езерца, каде ќе има најразлични растенија и многу цвеќиња, спортски терени и игралишта, детски паркови како од соништата... натпревар ! Секој со секого да се натпреварува, кој ќе има поубав балкон или поуреден двор или...поубава идеја. А, Битола да биде мајка, а не макеа за своите граѓани. Битола може и мора да биде како “Алиса во земјата на чудата”.

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани