2win800x200

За зависноста од пофалби и благодарници (пишува Зоран Николовски)

Април 19, 2021

 

“Херпест” – се добива од неправда што Вам Ви е направена,

а не сте ја кажале никому.

т.н. “Прикриена неправда”.

(народно верување)

Заѕвони мојот телефон, и реков:

  • Да

А, од другата страна познат машки глас ми рече:

  • Добро кај си ? Таква трезга ти овозможив, а тебе те нема да се јавиш. Ме разбираш ?,...”

Јас го држев телефонот во рака со запрепастеност и со неверица за тоа што го слушам....По кратко време му одговорив:

  • Не, не те разбирам”. Бидејќи навистина не го разбрав.

А познатиот машки глас ми рече:

  • Е, ко ќе ме разбериш, јави се !”, и ми го затвори телефонот...

Познатиот машки глас и неговата гневна интонација, мислат дека јас сум неблагодарен и дека неговиот гест, недоволно сум го пофалил пред другите....

Останав така мумифициран уште некое време, а низ глава почнаа да ми се “шетаат” разни мисли, да ми се мешаат чувства на горчина и разочараност..... и за да не биде ова “прикриена неправда”, ќе ги споделам (ако ми дозволите) овие мои мисли и чувства со Вас...

Никогаш не сум имал проблем да го употребам зборот Благодарам. Не се плашам од тој збор, и не само што не се плашам, туку и многу го сакам. Сум го употребувал тој збор безброј пати, насекаде и во секоја прилика. Сум го употребувал толку многу, што понекогаш мислам дека сум претерувал.

Да му се заблагодарите некому, тоа значи дека сте спремни, во секое време да му возвратите со иста мерка, (ако не) и повеќе од тоа. Да му се заблагодарите некому, тоа значи дека со болдирани букви, неговиот гест, сте го “тетовирале” во Вашата емотивна мемориска картичка - еднаш за секогаш !

Кога од срце ќе покажеме благодарност кон некој што направил нешто убаво, ни дал подарок, ни кажал љубезен збор или ни помогнал, придонесуваме, тој истиот, да се почувствува ценет и почитуван. Дури и на непознатиот му е пријатно кога искрено ќе му се заблагодариме, за некој убав гест, на пример, ни задржал вртата од некој локал.....

Кога станува збор за тоа, дали некој добил благодарница или не, мислам дека на таа тема, постојат два типа на луѓе; Едни, кои после благодарноста што ќе им ја искажете, им се заруменуваат образите, сакајќи да речат дека нивниот гест не заслужува благодарност, дека не е тоа ништо, и вториот тип на луѓе, гладни и ненаситни за благодарници.

Тие (овие вторите) во толкава мера се егоцентрични, што мислат дека зборот “Благодарам” е измислен само за нив.

Тие едноставно мислат дека ја имаат “тапијата” врз тој збор. Дека само тие го заслужуваат. Тие се просто ненаситни на тој збор. Ним, веројатно (како со “Ампицилинот”) треба да им се заблагодаруваме на секои шест саати. И немојте (случајно) да поминат седум саати, а да не им се заблагодарите. Веднаш ќе Ве побараат, и ќе Ве најдат...

Луѓето што знаат да се заблагодарат се среќни, позитивни и исполнети. Чекорат напред и гледаат високо. За нив ништо не е тешко во животот. И се што прават, прават со “aлал”, со позитивна енергија. А, овие другите, “зависните”, тие никогаш не можат да бидат среќни, бидејќи секогаш ќе го имаат чувството дека Ним постојано некој, нешто, им должи. А тешко и несреќно се живее со таа мисла. Со мислата дека Ним, не им е доволно возвратено. Вашиот “долг” кон овие луѓе, никогаш не ќе можете да го вратете. Нивната “фактура” никогаш не ќе може да ја доплатите, секогаш ќе има уште...

E па, нели љубовта и добронамерноста се само давање, без чувство дека ќе Ви се возвратат , и дека (згора на тоа) и ќе Ви бидат благодарни ? Нели љубовта е едносмерна улица? Ако доброонамерноста и љубовта не ги давате со алал, тогаш, не ги давајте воопшто ! На никој не му треба таква добронамерност и таква љубов.

Ете, зошто јас немам проблем да се заблагодарам некому.

Благодарноста не е во нашите глави. Таа, (благодарноста), се наоѓа длабоко во најскриените фиоки на нашите срца. Еве, и сега, пишувајќи ги овие редови, чувствувам потреба да Ви се заблагодарам и Вам, за вниманието со кое го прочитавте ова мое размислување...

Ви благодарам,

Дипл. Инг. Арх. Зоран Николовски

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани