АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
“Еден музичар мора да прави музика, еден сликар мора да слика, еден писател мора да пишува, ако сака на крајот да биде во мир со самиот себе” Абрахам Маслоу
Можеби се прашувате како некои луѓе живеат среќа и успех? Што е она што тие имаат, а Вам ви недостига? Како знаете дека се исполнети и задоволни? Анализирате..можеби е до работата, до семејството, до односите со трети лица, финансиската состојба и сл? Може да се каже од се по малку, но голем дел од времето поминуваме на работно место, па тоа игра и клучна улога во нашата емоционална состојба. Не зборуваме за финансии иако и тие се значајни, зборуваме за работа во која може да најдеме сопствeна длабока смисла,која оди рака по рака со општествениот придонес. Што тоа значи?
Истражувањата покажуваат дека во светот плакетата за најомразен ден оди кај Понеделник, а најомилен дел кај деновите од викендот. По некоја “случајност” почетокот на работната недела е во понеделник. Амортизацијaта од викендот трае некаде до среда, кога се појавуваат најголем број на мозочни и срцеви удари, а по се изгледа тогаш и стресот кулминира. Ова класификација е врзана за работните места.
Во една изјава се вели: “Ако сакате никогаш да не сте на работа, работете го она што го сакате од срце”. Има вистина, иако многумина би рекле дека од тоа не е можно да се издржуваат и не можат тоа да го работат. Повеќето чекорат по патот “стар сум да менувам”(изговор), “овде ми е добро”(страв да се излезе од комфорната зона), “нема каде” (линија на помал отпор) и сл. Статистички само 1% од популацијата го работи она што го сака и во истото наоѓа длабока смисла. Во тие 1% влегува и задоволството од финансиите кои произлегуваат од таа работа што значи дека тоа се луѓето кои го носат приматот – среќни и успешни. Среќата меѓутоа не произлегува директно од финансискиот дел (како што најчесто се мисли), туку од длабоката смисла која доаѓа како сатисфакција од активноста што се реализира на работа. Во суштина еден сликар длабоката смисла може ја гледа во убавината со која обогатува нечии простор и озареноста на личноста која го гледа неговото дело, еден психолог во малите чекори кои прават голема разлика во нечии живот и го оплеменуваат, еден музичар во делата кои ги твори, а дел од нас уживаат во нив, еден забен техничар во насмевките кои ги подарува, докторот во олеснување на нечии живот, довербата, залагањето и задоволството на здрав пациент кој дошол болен...... Ние сме поврзани....иако сме единки, нашата длабоката смисла најчесто е поврзана со другите луѓе. Кога го работиме тоа што го сакаме, а не заработуваме, кога заработуваме, а не ја сакаме својата работа и кога нити заработуваме нити ја сакаме својата работа,тогаш припаѓаме на другите три делови од слагалицата. За почеток погледнете и одредете во кој квадрант припаѓате.
По дефинирањето на својата позиција, одредете во кој квадрант сакате да преминете, како тоа да го направите и каде тоа ќе ве однесе, односно кон што трагате. Ако имате нешто кое сакате да го работите, а не заработувате доволно, размислете дали би можело тоа да стане ваша приоритетна дејност и како. Ако освестите дека припаѓате пак на 1% од популацијата на планетата Земја кои се и среќни и успешни, Вие припаѓате на ретките, па уживајте во тоа. На крај ако сте во оние кои го мразат понеделник и сочинуваат 85% од популацијата, за утеха не сте сами, но за мотивација имајте во предвид дека секогаш можете да преминете во квадрантот кој сакате и тоа не само што зависи од Вас туку и директно сте одговорни за тоа патување. Со среќа!
Пишува м-р Билјана Галовска, НЛП тренер и професионален коуч
инфо Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.