АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Професорот Оливер Андонов кој се смета за фракција во ВМРО-ДПМНЕ во интервју за ЦИВИЛ Медиа говори за предизвиците со кои ќе се соочи Македонија доколку не ги продолжи интегративните процеси. Тој смета дека недонесувањето на уставните измени се клучниот фактор Македонија да остане надвор од процесите за интеграција во ЕУ. Според Андонов, членството во ЕУ не е стратешка цел исклучиво на Македонија, тоа е интерес и на самата Унија, но и на НАТО, објавуува ЦИВИЛ Медиа.
Уште повеќе се заостри реториката меѓу претседателката на Советот на Општина Битола, Габриела Илиевска од независната советничка група „Поинаку“ и градоначалникот Тони Коњановски од ВМРО-ДПМНЕ.
Илиевска на денешната седница на Советот го обвини Коњановски за диктатура зашто до неа стигнал допис од секретарот на Општината дека доколку бара информации до општинската администрација, треба да ги достави до нив, што таа го оквалификува како обид за запирање на информациите. Градоначалникот пак, кажа дека постапуваат според законските одредби, Статутот и Деловникот на Општината во однос на обврските на службите и нема да дозволат врз администрацијата да се врши психички мобинг.
Новата конфронтација настана откако Илиевска побара од раководителите на сектори и одделенија во Општината да ѝ се достави писмено образложение по предлог точките што ги имаат доставено за 30 седница на Советот.
„До мене стигна допис од секретарот на Општината со кое ми налага како на советник и претседател на Советот доколку сакам да добијам било каква информација морам да се обратам до нив притоа не смеам да се обратам до ниедна од другите служби зашто за тоа немам надлежност. Ми беше кажано дека вакви лични услуги, да се испраќа известување до претседателката на Советот, нема веќе да ги вршат службите, а замислете имаме служба за поддршка на Советот. Градоначалник, ова е класична диктатура, која никогаш нема да ја дозволам и да кажите дали ќе го отповикате дописот“, рече Илиевска.
Од Општина Битола одговорија дека се испочитувани законските одредби во однос на обврските на општинските служби. Согласно Законот за локална самоуправа, оној за административни службеници и Статутот на Општината, градоначалникот и секретарот раководат со општинската администрација, па барањата за информации треба да бидат доставени до нив, па тие понатаму да ги проследат до соодветните сектори и одделенија. Велат во случајот се барало дополнително писмено образложение по точките кога за истите биле изготвен и доставени материјали, а доколку има потреба предлагачите од редот на општинската администрација на соодветните работни тела или на самата седница даваат стручни образложенија или мислења.
„Општинската администрација и секретарот се на располагање на Советот и граѓаните и тоа јасно сите го имате на увид, тука не треба дискусија, секојдневно сме во контакт и со советниците и со граѓаните и со претседателката на Советот и се она што треба да го добие. Меѓутоа, нема да дозволам психички мобинг врз административните службеници од било кого, вклучувајќи ја и претседателката Советот“, рече Коњановски.
Веќе неколку месеци се нарушени односите меѓу ВМРО-ДПМНЕ и „Поинаку“ откако се распадна советничкото мнозинството во битолскиот Совет.
Ж.З.
Реализацијата на капиталните проекти на општина Битола, предвидени за 2023 година, се одвива со одлично темпо. Во однос на податоците кои што се однесуваат на вториот квартал од оваа година, до 30 јуни се реализирани 29.18% од капиталните расходи, или 111.325.057,00 денари.
Најголем дел од овие средства, во износ од 50.744.637,00 денари, се исплатени за изградба и реконструкција на улици и патишта. Тука влегува изградбата на коловоз на ул. „Крушевска Република“, ул. „Стара Чешма“, ул.„16-та“, реконструкција на коловозот на улиците „7-ми јули“, „Наум Наумовски Борче“, „Довлеџик“, „Македонска фаланга“, локалниот пат до с. Брусник, санација на коловоз со потпорен ѕид во Девеани, стабилизација на банкини со камена коцка на коловоз во с.Трново, девијација на мост на реката Драгор, реконструкција на коловоз на Бул.1-ви мај и др.
Исто така, во голема мерка се работеше на изградба и реконструкција на други објекти, односно изградба на детски парк и поставување на урбана опрема, стадионот под Тумбе кафе, санации на училишта, спортски игралишта, месни заедници, партерното уредување околу Офицерскиот дом и други тековни активности, за кои се исплатени 39.052.529,00 денари.
Паралелно во Одделението за економски развој се подготвуваат проекти за улици и патишта, а до овој квартал вредноста е 2.577.569,00 денари. Во реализацијата на буџетот се вклучени и средства за Изградба и реконструкција на атмосферска и фекална канализација во вредност од 7.481.069,00 денари, Изградба и реконструкција на капацитети за водоснабдување 3.631.739,00 денари, Изградба и реконструкција на капацитети за енергетика 4.824.363,00 денари, Надзор над изградбата 1.270.204,00 денари итн.
Во завршна фаза на реализацијата на еден многу значаен проект за жителите на населбата Недопирливи, каде што се изврши комплетна промена на водоводната и канализационата мрежа, по што следи асфалтирање и поставување на улично осветлување. Во тек е реконструкција на паркинг просторот кај Спорската сала „Боро Чурлевски“ и комплетно реновирање на соблекувалните, за достојна презентација на нашиот ракометен претставник Еурофарм Пелистер во Лигата на шампиони. Пред фаза на асфалтирање е мостот кај Довлеџик, а се работи и на Кружниот тек кај Ветеринарната станица. За новата зграда на Територијалната противпожарната единица се чека одобрување на основниот проект за градба, а во рамките на изработката на Генералниот урбанистички план, во моментов се изработуваат 8 студии.
Пред отпочнување на изградба е колекторскиот систем и пречистителна станица во Националниот парк Пелистер, во вредност од 15.000.000 денари, проект кој се реализира во партнерство со Пелагонискиот плански регион.
Во завршна фаза е дигитализацијата на услугите како приоритет кон граѓаните, со кој се овозможува значително олеснување на услугите и дополнителни можности за поголема ефективност и ефикасност на општинската администрација, преку систем за управување со документација (ДМС), геоинформациски систем (ГИС) и можност за електронско плаќање на услугите кои ги дава општината.
Транспарентноста и отчетноста на оваа локална самоуправа се потврдува и со постојаното известување на јавноста за тоа каде и колку се трошат средствата на граѓаните. Капиталните инвестиции се една од најважните ставки во општинскиот буџет со суштинска важност за локалното население на територијата на целата општина.
Во следната табела е даден пресек на реализацијата на буџетот во вториот квартал од 2018 година наваму, со што може да се види текот на истиот во изминатите 6 години. Последните 2 години, односно од периодот на работа на градоначалникот Тони Коњановски, видлива е зголемената реализација и на приходите и на расходите, што е јасен показател за посветеноста во работењето на оваа локална самоуправа во насока на реализација на капиталните објекти.
Во вториот квартал од 2023 година, финансиската состојба на општина Битола е стабилна и подготвена за натамошна реализација на сите изведени проекти. Наплатата на ситуациите и по завршувањето на вториот квартал, се реализира според предвидената динамика.
Интегрално го пренесуваме одговорот на ЗК Пелагонија во врска со обвинувањата на ЈП Стрежево дека им ја загрозуваат работењето:
„Најголемиот производител на храна во нашата држава, ЗК Пелагонија АД Битола над 7 години трпи сериозни штети од недомаќинското работење на ЈП Стрежево. Над седум години раководството на ЈП Стрежево не ги почитува ниту една од постигнатите спогодби за взаемна соработка на рамнопправни односи. Дотолку повеќе што во 2019 година при постигната спогодба токму ЈП Стрежево ја блокира безпредметно сметката на ЗК Пелагонија и тоа во период на есенска сеидба која е од клучен интерес за финансиската состојба на комбинатот.
Сакаме да ја информираме јавноста и посебно граѓаните на Битола и цела Пелагонија дека одговорноста за водоснабдувањето на градот е надлежност на ЈП Стрежево, ЗК Пелагонија е економска гордост на Битола и регионот, но ние веќе не можеме да дозволиме да работиме на штета на нашата компанија.
Одговорноста за нерешавањето на проблемите на ЈП Стрежево е само во раководството на ЈП Стрежево.
Искрено нека одговори раководството зошто ја блокира ЗК Пелагонија цели 60 дена во 2019 година, за време на сеидба на пченица?
Колку затезни камати наплати ЈП Стрежево од ЗК Пелагонија?
Колкава фактура испостави за 2015 година кога не испорача вода и дали истата ја наплати од ЗК Пелагонија?“, пишува во одговорот на ЗК Пелагонија