АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
„Пратеникот“ е новата премиера на Интимен театар-Битола која во сабота со почеток од 20 часот ќе биде изведена на сцената на Народниот театар од Битола како гостување и своевидна соработка меѓу двете театарски куќи.
Режисерката Софија Ристевска рече дека претставаста е иницирана од „Народен пратеник“ на Нушиќ, но само како основна каписла, зашто како што наведе „знаете дека не работам со автори ни живи, ни мртви во оригинал, па ги преработуваме текстовите“.
„Состевена е од два дела. Првиот целосно авторски е на нашиот тим и зборува за општеството, личните проблеми, човекот, дехуманизацијата, истите теми што ме засегаат години наназад. Феминизмот, како се чувства жената во државата, како се чувствуваат маргинализираните луѓе, дали во ова општество имаме шанса да живееме, дали има еднакви права за сите? Во вториот дел една љубовна интимна, дури и социјална приказна за двајца луѓе што никако не можат да избегаат еден од друг затоа што се сакаат, а истовремено и општеството ги притиска“, рече Ристевска.
Во претставата настапуваат двајца актери, Валентин Дамчевски кој веќе пет години во континуитет е дел од сите претстави на Интимен театар и Катерина Аневска. Заедно со нив на сцена ќе биде и кореографот и танчер Борис Богдановски , кој долго време работи во театарската школа за деца при Интимен театар.
„Се работеше напорно, но беше фасцинантно. Мојот лик во претсвата е третиот во нивната врска. Нивните мисли ги пренасочувам во движење и експресија на телото“, рече Богдановски.
Актерот Дамчевски, пак истакна дека „Пратеникот“ за него беше огромен предизвик зашто досега не работел толку експериментален процес со комплицирана естетика и тешки психофизички задачи кои намерно си ги задале.
Музиката во претставата е на композиторот Александар Талевски-Скачето, соработник на Интимен театар 10 години.
„Инспирацијата за музичкиот дел во најголем дел е од улогата на актерот, но и на оној внатрешен крик што го носиме во нас , она што не можеме да го искажеме и не сакаме. Се потрудивме музиката да ја извадиме од душа и крикот да го извадиме во претставата. Музиката е модерна или индустријал мјузик која магично влегува во цела претстава“, рече Талевски.
„Пратеникот“ трае 70 минути, камерна претстава е и ќе се одригра во Народен театар –Битола.
.
Во Битола започна координирана акција за воспоставување волонтерска мрежа за поефикасно и подобро мобилизирање на младите и унапредување на соработката меѓу сите засегнати чинители во локалната заедница. Младински културен центар – Битола во склоп на проектот „Локален волонтерски сервис Битола“ формира волонтерски сервис. Овој сервис претставува организиран облик на општествена партиципација којшто ќе вклучува 30 млади луѓе од Битола на возраст од 16 – 29 години. Идејата за формирање на ваков сервис е да се стимулираат волонтерски активности и да се зголеми бројот на млади кои ќе се вклучат во доброволна работа во локалната заедница, истакнаа имплементаторите на проектот на прес конференција.
Проектот „Локален волонтерски сервис Битола“ се спроведува во рамки на Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 2 – ReLOaD2, која е финансирана од Европската унија (ЕУ), а ја спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).
Главната цел на проектот е зајакнување на граѓанското учество и учеството на младите во развојот на локалната заедница преку волонтерство. Формирањето на Локалниот волонтерски сервис Битола претставува логичен чекор напред во градењето и унапредувањето на постоечките иницијативи и практики во Битола од областа на волонтерството коишто во најголем дел се одвоени, независни и без координација.
„Очекувани резултати од проектот се формиран (воспоставен) функционален локален волонтерски сервис во Битола, идентификувани 5 локални проблеми и преземени 5 волонтерски акции за подобрување на условите за живот во Битола, инспирирани и вклучени 200 млади во волонтерски активности. Преку овие активности и планираната кампања за промоција на волонтирањето се очекува да се оствари промена во генералниот однос и перцепциите на младите во однос на волонтирањето, зајакнување на нивното знаење за придобивки од волонтирањето, а со тоа да се зајакне и учеството на младите во развојот на локалната заедница“, беше кажано на прес конференцијата.
Funded by the European Union Дизајнот и развојот на секој аспект од проектот се реализира преку тесна соработка меѓу проектните партнери Младинскиот културен центар – Битола (МКЦ – Битола) и Сфера Интернешнал. Овие организации се веќе етаблирани граѓански организации кои работат со млади и активно учествуваат во креирањето на младинските политики на национално и локално ниво, во регионалните и ЕУ програми за волонтерска размена и активно го поддржуваат функционирањето на Локалниот совет за волонтерство на Општина Битола.
Младите битолчани имаат можност да станат дел од овој сервис преку пријавување на Јавниот повик што се објави денес на Фејсбук и Инстаграм профилите на МКЦ – Битола и Сфера Интернешнал. Исто така, младите имаат можност да добијат информација и преку постерите што ги има на различни локации во градот. Повикот ќе биде отворен до 30.10.2022 година.
Клиничката болница Битола се вклучува во одбележувањето на Розов октомври – месецот за борба против рак на дојка! Битолските доктори во мисија да ја подигнат јавната свест и за други болести кои се опасност за женското здравје!
На Гинеколошко - акушерското одделение при Клиничката болница Битола в петок, на 21 октомври, во периодот од 15 до 20 часот, прегледите и консултациите на пациентки во менопауза ќе бидат бесплатни. Целта е да се подигне свеста кај пациентките и да им се објасни се што би сакале да знаат во врска со оваа состојба, да добијат совети или да се насочат кон дополнителни иследувања или терапија.
Следната недела, пак, в среда (26 октомври), в четврток (27 октомври) и в петок (28 октомври) на Рендген во Клиничката болница Битола ќе се вршат бесплатни мамографски прегледи, во терминот од 11 до 13 часот.
Јас сум студент, но можеби ќе бидам премиер за некоја година. Сега само глумам премиер, како е да се чувствуваш како премиер не знам, бидејќи ова сепак е глума и како глумец се чувствувам добро, рече Антонио Џаневски, апсолвент на Педагошкиот факултет од Битола, модератор на симулацијата „Енергетски самит“. Симулацијата беше организиран од Универзитетското собрание при Универзитет „Св. Климент Охридски“ (УКЛО) во Битола поддржана од фондацијата „Фридрих Еберт“.
На овој самит студенти од различни факултети при УКЛО ја презедоа улогата на носители на одлуки во државата, станаа Влада со премиер, министри, па до сопственици на фирми – мали производители на електрична енергија од обновливи извори. Владата заседаваше на Техничкиот факултет во Битола.
„Целата е да се докаже дека навистина во Македонија има квалитетни студенти кои си ја сакаат државата и не секој сака да замине надвор, тоа е целта на оваа симулација. Од неа може да се види дека младите се со голема свест, со доста познавања во стручните области како политика, општество и енергетика и дека може да се преземат акции и да се вклучат во многу настани“, рече Џаневски кој глумеше премиер.
Симулацијата се состоеше од три делa, прво, излагања на симулираните претставници на Владата, а потоа работа во групи и на крај дебатата во која се вклучи и публиката.
„Учествуваа студенти од повеќе единици на нашиот Универзитет од полето на енергетиката, медицината, ветерината. Врз основа на нивното знење се носеа заклучоци. Сакавме да ги споиме факултетите, професиите и да ги анимираме студентите да учествуваат во развојни програми“, рече Симона Наумовска, претседателка на Универзитетското собрание.
Придонес преку директно учество на самиот даде и директорот Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) Васко Ковачевски.
„Ваквите симулации треба да се одржуваат колку може повеќе зашто младите луѓе треба да бидат дел од јавниот и реалниот сектор, да дадат свој придонес , своето образование и исуство да го искористат овде во нашата држава зашто ни се потребни. Младите генерации се нашата сегашност и иднина“, рече Ковачевски.
Тој посочи дека како компанија даваат придонес во обучувањето на кадрите кои се потребни за енергетскиот сектор, па во таа насока е и добрата соработка и со Техничкиот факултет во Битола.
Ректорот Игор Неделковски рече дека е задоволен што студентите на УКЛО се сетија да организираат и иницираат ваков самит со меѓународна поддршка каде ја препознаа моментално најактуелна тема – енергетската криза и заштедата на енергија.
Синоќа, во просториите на НУУБ ,,Св. Климент Охридски Битола, Македонското научно друштво-Битола го одржа своето редовно изборно Собрание на кое за претседател во наредниот двегодишен мандат (2022-2024 година) повторно беше избрана вонр. проф. д-р Невена Груевска, која оваа функција ја извршуваше и во изминатиот двегодишен период.
Членовите на изборното Собрание на МНД-Битола, исто така едногласно изгласаа во наредниот двегодишен период, функцијата потпретседател на МНД- Битола да ја врши м-р Николче Трајчески, член на одделението за општествени науки. Со одлука на членовите на Собранието на МНД-Битола, избрани се и нов состав на Управен одбор, Уредувачки Совет, Надзорен одбор и Етичка комисија.
Темата - енергетска криза е моментно најактуелна, а за жал така ќе биде и во догледна иднина. Ова се однесува и на економскиот импакт од енергетската криза со која се соочува човештвото, вклучително секојдневно и секој од нас.
Во интерес на предвидениот простор на оваа тема, која за воља на вистината е многу обемна, ќе се обидам да ги групирам поентите на моето размислување и да дадам неколку препораки во таа насока.
1) Кога зборуваме за институционални мерки, истите треба да се сместат во три категории, мерки кои треба да ги превземе државата, со сите механизми кои и стојат на располагање, мерки за кои е надлежна локалната самоуправа и на крај семејството, кое секако треба да превземе активности во рамките на своите можности.
2) Мерките од друга страна може да се поделат на глобални, регионални и локални. Се сведуваме на локалните, кои се условени од географската поставеност на државата, односно од климатските карактеристики, стандардот, културата и навиките на населението, што ќе рече социо-економските и други фактори.
3) Според друга поделба мерките може да бидат долгорочни, среднорочни и краткорочни.
Што може едно семејство да превземе во делот на заштеда на енергија, односно заштеда на финасиите, што ќе се одрази врз семејниот буџет?
За жал, историјата памети вакви кризи, поточно како непишано правило е дека после здравствена криза каква што беше пандемијата следат економска, енергетска, еколошка, воена криза, односно комбинација од нив.
Ќе зборувам сега согласно погоре наведените поделби за мерки кои може да се превземат тука во Македонија, при овие услови, клима, навики, стандард, менталитет и др., во кои живее едно просечно семејство. Зошто? Затоа што не може мерките да се превземаат ад хок од соседните земји или пошироко, како што се правеше и се прави многу пати до сега за други проблеми, едноставо тоа не е природно?! Знаете...
Во Македонија, согласно последниот попис, познато е дека најголем број на жители има во неколку урбани средини, наспроти руралните, кои со ретки исклучоци се ненаселени. Едни се навиките и потребите во град, други се во руралните средини, каде и пристапот на алтернативни енергенси е различен.
Едно просечно македонско семејство брои 3 до 5 членови, навиките на живеење во поголема заедница, каде имаше спој на генерации, полека се напуштаат, што е и во ред донекаде.
Градењето на трикатни куќи во кои ќе живеаат повеќе генерации односно блиски семејства, се покажа исто неодрживо, што заради зголеменото иселување на младите, што заради променетиот стил на живеење...сигурно сте виделе огромни куќи во кои зимно време свети само една просторија, ова не е само од сега. Навиките за заеднички ручек, вечера, семејни веселби, посети, гости се исто така сменети, делумно и како рецидив на пандемијата.
Готвењето од вечер, перењето, пеглањето на ефтина струја не е непознато за нас, неделното капење, спремање јадење за неколку дена и куп други женски марифетлуци, биле пракса на нашите баби, мајки. Тоа порано се викало домаќинлук, било сосема нормално и логично. Старите и до ден денес одат по младите и ги гаснат сијалиците. Купувањето на дрва за греење во април, мај за следната зима биле правило за еснаф куќа. Луѓето од памтивек граделе куќи на присој, саделе дрва за сенка и завет, населувале области околу река, змно време се облекувале топло, со природни материјали, волнени чорапи, елеци, спиеле покриени со дифтици и тешки јоргани. Ние мора да си признаеме, малку сме „разгалени“ во таа смисла.
Ова само на кратко ги отсликува навиките и стилот на живеење во едно просечно македонско семејство кои се менуваат во од, согласно наметнатите услови.
Исто така, Битола памети зими какви што биле 1967, 1979, 1983, 2005, 2017 година, кога температурите паднале и до – 30 оС, и се задржале како такви во траење од еден месец, без да се качи со денови по ред температурата над нула оС.
Кои мерки може да се превземат најитно и да дадат брзи резултати?
Да се вратам на оваа грејна сезона која штотуку започна. Притоа морам да напоменам дека не треба да се врзува потрошувачката на енергија само со потребите за затоплување на домовите и извршување на основните потреби на човекот. Тоа се однесува и на потребите од гориво за автомобилите, потребите од енергија за индустриските капацитети, работните простории по фирмите, за непречено одвивање на транспортот, јавното осветлување, екстериерното уредување и др. како потреба на работоспособното население, учениците, студентите, кои го врват поголемиот дел од времето надвор од своите домови, од 5 до 10 часови дневно.
При недостиг на енергенси, но и при нивно нерационално користење, во прв план е енергетската и слетствено економската криза (нагло и постојано зголемување на цените на прехрамбените производи), но паралелно се продлабочува и еколошката криза, со локално загадување на воздухот, особено во густо населените места, каде доминираат ниските извори на загадување и помали индустриски капацитети.
Како среднорочни и краткорочни мерки, кои може да дадат некаков резултат во претстојните месеци кога е и пикот на потребите од енергија, електрична, топлинска, за жал, во најголем дел паѓаат на товар на секој поединец. Треба да се дејствува сега и веднаш, да не речам од некни. Еве неколку совети: 1) подигнување на свеста на населението пред се, рационално однесување кон енергенсите, вклучително и кон водата бидејќи и таа е енергенс, 2) држење на едукативни предавања од најмала возраст во градинките, предшколска возраст, па се до факултетите, 3) Воведување на глоби, односно казни, за секој кој ќе се однесува нерационално во делот на користење на енергија, зашто тие индирекно се и потенцијални загадувачи на околината, 4) да се ограничи и количината на гориво (течно, тврдо, гасовито) кое може едно приватно или правно лице, фирма, институција да го наточи или набави во текот на месецот, грејната сезона, 5) давање на приоритети, односно субвенционирање на некои институции како болници, градинки, старски домови, училишта и др. Некои мерки се веќе превземени во делот на наплатата при користење на електрична енергија со сведување во категории на потрошувачи.
Уклучување на бојлер, термоакумулациона печка, клима уред, рерна, машина за перење, сушење греалка, на скапа струја, не смее да се практикува, освен ако е неопходно. Постојано приклучени компјутери, лаптопи, таблети, мобилни телефони, нивно оставање на полнач преку цела ноќ, не е рационално и оправдано.
Значи, навиките треба да се сменат од корен, ова особено се однесува на помладите генерации кои делуваат нерационално при користење на енергијата, секако ова не е критика, туку е совет кој треба да го прифатат час поскоро.
Навиките за складирање голема количина на зимница, месо, користење на фрижидери за длабоко замрзнување, треба да се напуштат, бидејќи и овие уреди се потрошувачи на енергија. Можеби ова не е популарна мерка во нашите простори, но дури и готвењето секој ден во семејства каде се по двајца, тројца, нема економска оправданост, зашто треба да се запали шпорет, рерна, поисплатливо е купување на готова, готвена храна, која одлично ја заменува домашната. Не случајно порано имало јавни мензи каде можело секој да јаде надвор по прифатлива цена, а исто така ваква пракса имало и по фабриките, фирмите кои секако во работно време од 8 часа мора да ја задоволат и оваа потреба на вработените. И ова е одлична мерка која може брзо да се воспостави. Се ова малку по малку дава придонес во заштедата на енергија, време и пари.
Исто така не е лошо да се напомене дека препорачни мерки се и замена на дограма, користење на штедливи светилки, купување на енергетски ефикасни електрични уреди, поставување на демит фасада, ангажирање на јужни, западни простории за повеќечасовен престој во текот на денот, вградување на специјални видови на стакла, фасади кои имаат способност да акумулираат топлинска енергија, вградување на топлински пумпи и др. За вградување на сончеви колектори, поставување на фотоволтаици, хибридни системи е често зборувано. Малку поширока мерка која се однесува за фирмите, институциите, училиштата, факултетите, јавните објекти и др. е да се воведе флексибилно работно време кое ќе почнува од 9, 10 часот и ќе трае до 16, 17 часот, со цел да се искорити најтоплиот дел од денот. Да се премине на етажно или зонско греење на објектите. Секако за ова требаше да се размислува претходно, односно подготовските требаше да се вршат во текот на изминатите пролет и лето.
На предавања на моите студенти од последните генерации, кои се на студиската програма Енергетика, често им викам дека темите обновливи извори на енергија, енергетска ефикасност се на големо разработени особено во развиениот свет, во соседството и помалку кај нас, реализирани или во фаза на реализација се голем број на проекти од оваа област. Идејно предмет на интерес ќе биде т.н. „нула отпад“ технологијата која не е непозната во светот, но кај нас допрва треба да влезе на голема врата. Колку поразвиена земја, толку поголема количина на отпад, се е амбалажирано и за една употреба.
Асоцијацијата во секое ѓубре да се гледа калорија, не е смешна, неопходна е. Ако се вратиме на погорната поделба во делот на мерките, нашата држава и според географските, климатските услови, културата на живеење, навиките, стандардот и ред други карактеристики... не сакам да навлегувам во статистичките податоци за тоа колку отпад се продуцира на годишно ниво во секој град, реон во државата, за што има јавни податоци, ќе се види дека отпадот навистина може да се користи како енергенс. Има големи количини на дрвен отпад, земјоделски отпад, индустриски отпад, комунален отпад, течен отпад, отпад каков што е хартија, пластика, стакло, гума, обработлив индустриски отпад кој може да се рециклира, доискористи. Постои и електронски отпад, медицински отпад, опасен отпад, кабаст отпад, градежен отпад и др.
Убаво стои во секоја урбана средина контејнер за стакло, пластика, хартија, органски отпад... но верувам дека ретко кој од нас има навика да го селектира отпадот и уредно да го распредели каде што му е местото, за жал.
Затоа треба да постои и еко данок, еко полиција, еко стимулација, што ќе рече „фрли отпад доби пари“, па ќе видите како ќе профункционира системот. Затоа мерките треба да се сведат на менталитот на народот, не да се препишуваат од Германија, Австрија, Америка.... иако таму истите наши сонародници одлично се однесуваат. За воља на вистината постојат закони, правилници поврзани со оваа проблематика, но за жал не се применуваат.
Се радувам на една емисија која оди во етерот, односно на фејсбук каде една малечка госпоѓица дава едукативни совети поврзани со рационалното користење на енергијата, како и една детска емисија која се емитува на локално радио и обработува вакви теми. Значи најмалите се обидуваат да ни објаснат и нам на возрасните, како да се однесуваме, што е добро.
Моето прво предавање на студиската програма Заштита на животна и работна средина оди со добро познатата мисла „Планетата Земја ја наследуваме од предците а ја позајмуваме од идните генерации“. За жал, во услови кога на таа планета живеат скоро 8 милијарди жители од кои многу мал дел се онесуваат одговорно, а според некои истражувања се предвидува дека до 2055 година бројот на населението ќе се зголеми на 10 милијарди жители, состојбата во делот на обезбедување на потребни ресурси, енергенси, храна, вода навистина е алармантна. Согласно теоријата на Томас Малтус, позната како малтузијанизам, стои дека бројот на населението расте со геометриска прогресија, а индустриското производство, односно задоволувањето на потребите на населението, е според аритметичка прогресија. Затоа, ова е многу широка тема, која опфаќа повеќе науки, економија, статистика, социологија, демографски промени и др.
Да завршам, перцепцијата дека енергетиката е електрично коло со можност on/off треба веднаш да се напушти, па затоа треба да се делува стратешки, со сериозни мерки на подолг рок кои даваат евидентни резултати.
На потег е државата, локалната самоуправа, научните институции но и секој од нас, сега и веднаш.
(Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите)
Битолчанката Рејчел Нахмијас го прослави својот 105. роденден. Таа е најстарата жива Еврејка од Битола, родена во далечната 1917 година, но соочена со тешките животни патешествија поради холокаустот, била принудена да го напушти родното гнездо и животот да го продолжи во Бостон, САД, објави Факултети.мк