АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Новогодишна атмосфера веќе се чувствува во Клиничката Болница во Битола. Денес убав гест од страна на Бугарскиот конзулат во Битола. Ги израдуваа најмладите наши пациенти на Детското одделение како и дечиња кои се згрижени на другите одделенија во ЈЗУ Клиничка Болница. Бугарскиот конзул Димитар Иванов им подари новогодишни пакетчиња и подароци и им посака многу здравје. Од името на вработените во Клиничка Болница Битола како и од името на најмладите наши пациенти им се заблагодари директорот Др. Зоран Лазаров
Пред Ноговодишните празници има голем интерес од страна на јавни и приватни организации за донирање на пакетчиња и друга помош во болницата. Портпаролката Сузана Конеска апелира дел од донациите да се наменат покрај за децата и за другите пацинети во болницата за и тие да можат да ја почувствуваат празничната атмосфера.
Група битолски ентузијасти наречени „Операција кино Партизан“ се жалат дека го исчистиле и средиле старото кино кај Долната гимназија со знаење на Народниот театар од Битола кој стопанисува со објектот, а деновиве добиле најава дека просторот ќе биде издаден под наем. Од Театарот, пак, велат дека не отпочнале постапка за издавање на просторот на поранешното кино „Партизан“ зашто од државните институции во неколку наврати било одбиено нивното барање средства од евентулна наемнина да легнуваат на сметка на Театарот.
Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата денес побараа итна седница на Совет на Општина Битола за да бидат преземени конкретни мерки за намалување на аерозагадувањето.
„Битола ги живее деновите на најголемо аерозагадување, а тоа е погубно за нашето и за здравјето на нашите деца. Браме итна седница на која ќе бидат донесени следните мерки интензивирање на линиите на градскиот превоз, ако треба и овозможување граѓаните бесплатно да го користат во денови во кои загадувањето е зголемено, со што би се намалило значително користењето на автомобилите, регулирање на сообраќајот во централното градско подрачје, забрана за движење на тешки товарни возила низ градот , отстранување од сообраќај на возилата кои не ги задоволуваат потребните еко стандарди, ослободување на учениците од настава и уште ред краткорочни мерки кои се во надлежност на Општината и градоначалничката“, рече Олга Лозановска, советник од ВМРО-ДПМНЕ.
Таа додаде дека ситуацијата со загадувањето е страшна, опасна по животот и здравјето на битолчани и таа не смее повеќе да се крие и да не прави ништо.
Овој пат фронот не е на улицата и во протестите. Проблемот со аерозагадувањето не се решава со бојкот на наставата, туку таа борба започнува во училишните купи и се води на образовен, културен и граѓански начин, им порача Петар Николовски претседател на СДММ на средношколците по најавите дека утре извесна група организира марш со бојкот на наставата.
Со протести да, но не со камења и пцовки, се бара чист воздух! Битола диши отров воздух и секој граѓанин има неспорно право да бара здрава животна средина. И секоја одговорна држава има обврска да работи на планот на подобрување на екологијата. Не сум против протести за чист воздух, напротив и јас сум од многуте битолчани кои во семејството почувствувале што е борба со чумата на 21 век, ракот. И јас сум родител и моето дете сакам да дише со полни гради.
Но, на прифајќам борба за здрава животна средина на насилен начин. Што на Битола ѝ се случи вчера освен енормното присуство на ПМ10 честички? Ѝ се случи протест, на кој група битолчани упаднаа на свечената академија за заштитникот на градот Свети Нектариј и викаа „уааа“. Но, освен „уа“, на една од снимките кои кружат на фејсбук, не таа скусената, туку на онаа подолгата, од лицата кои протестираа се слушаат пцовки и клетви „остајте ги овие нека цркнат таму, сите пограбејте ги“ или „еј оваа си замина насмејана, луда е“, „арамии“.
Свечената академија беше јавен настан и на неа можеше да присуствува секој граѓанин. Но, е настан поврзан со верата, кој треба да повика на сплотеност и смиреност, барем така го доживуваат верниците. Граѓаните можеа да го изразат револтот на друго место, не е баш најсоодветно на свечена академија по повод верски празник и тоа за заштитникот на Битола.
Тука, се отвора прашањето што значи мирен протест, кога летаат јајца и камења, а паѓаат закани за да се закопаат луѓе. И дали без претходна најава можат граѓани кои протестираа да упаѓаат на јавни настани. Дали тоа некој го контролира, дотолку повеќе што групата не беше присутна од самиот почеток на настанот зашто претходно беа собрани пред Општина.Дојдоа на среде свеченост и некој ги пушти внатре. Што ќе се случи ако при вакви сценарија некој некого повреди, внеси оружје на пример или камен?
Протести со герили акции му се организираа и на претходниот градоначалник. Но, за разлика од него, сегашната градоначалничка не излезе од задниот излез, туку помина покрај нив, не избега. Потоа, преку видео порака посака заедно со сите граѓани да ја изградат секоја честица во добро. Герили за Талески имало и далеку поневкусни, но откако го аболицира Иванов заедно со другите политичари на власт за да ја избегнат одговорноста за сторените дела.
Не знам што има борбата за чист воздух со арамилукот зашто некој од присутните на протестот викаше „уа арамии“. Не е арамилук да го вратите долгот на Талески и да ја наполните општинската каса. Не е арамилук ни да ги одблокирате сметките на училиштата кои со години стравуваа дека ќе останат без струја, ни да ја исчистите обиколницатаа...
Битолчани можат да бараат засилени мерки за чист воздух, инфраструктура за гасовод, топлификација, прскање улици, инвертер клими, намалена сметкa за струја, поевтино лекување на болните каде причина е загадувањето, но надлежност за поправање на мерна станици има Министерството за животна средина. А и маската за дишење нема да ја растера маглата.
При синоќашната свечена академија, Петровска како што изјави не сакајќи да го изложува владиката Петар на непријатна ситуација, го оставила да си замине, за таа самата да се појави пред свиркачите во Фоајето. И така си замина и владиката и другото свештенство оставајќи ја сама. Дали духовни луѓе не би требало да се обидат да ја смират ситуацијата, да бидат медијатори меѓу двете страни, да ги повика на соработка? А за јајцата и камењата, само да кажам дека сите штети што се прават, ние од џеб си ги плаќаме, ќе треба да се санираат со парите од граѓаните, како за шарената револуција.
Ж.Здравковска
Обезбедувањето на Општина Битола по синоќешниот протест пријавило во Битолската полиција дека има оштетување на стаклата од општинската зграда, потврдија за Апла.мк од СВР Битола. Од таму велат дека направен е увид од нивна страна и дека утврдена е мала материјална штета. .
Од полноќ во Битола ќе биде надминат прагот на информирање, а според Платформата „Земи здив“ и прагот на алармирање и со тоа да стапат на сила препораките предвидени за намалување на аерозагадувањето.
Од Платформата „Земи здив“ апелираат до Општина Битола да го вклучи алармот и да превземе соодветни мерки за заштита на нејзините граѓани. Препораките кои треба да ги превземе се наведени на веб страната на Министерството за животна средина.
Балони со испишани пораки „Сакаме да дишеме“, „Чист воздух“ и други поврани со аерозагадувањето, на новогодишната елка пред општинската зграда во Битола беа поставени попладнево на граѓанскиот собир, на кој педесетина битолчани побараа итно преземање на мерки за чист воздух. Да се соберат ги повика независната советничка група Поинаку преку социјалните мрежи, апелирајќи наместо да седат на Фејсбук и да пишуваат колку е загадено да побараат чист воздух.
„Овде сме дојдени како граѓани, а не како политичари и советници и не ни е важно кој од која партија тука ќе дојде. Во најбрз временски период да се санира мерната станица Битола 1, да нѐ заштити Општината од загадувањето, да ги спроведе мерките од Планот за амбиентален воздух. Доволен е тој да се реализира. Децата не можат да одат на училиште на ова загадување, вработените не можат да одат на работа, тешко е за старите лица. Но, ние не можеме да добиеме ни препораки од Министерство доколку не работат мерните станици“, рече Габриела Илиевска од Поинаку.
Ж.З.
Со 6.150.000,00 денари, Државна видеолотарија ја поддржува визијата на КФСМ. Државна видеолотарија и КФСМ заедно ќе работат на промоција на спортските вредности во нашата земја.