АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Синдикалната организација на Клиничка болница од Битола заедно со менаџерскиот тим на Болницата организираа детска новогодишна претстава од Народниот Театар- Битола. Тие заедно со Дедо Мраз ги израдуваа најмладите на вработените од Болницата доделувајќи новогодишни пакетчиња.
„Да ја искористиме оваа прилика и од името на менаџерскиот тим на ЈЗУ Клиничка болница Битола да им ја честитаме Новата 2020 година прво на нашите вработени, на нашите пациенти и на сите граѓани на Битола со желби за многу здравје во Новата година, успех и благосостојба“, рече портпаролката на Болницата, Сузана Конеска.
Ученици и вработени во Гимназијата „Јосип Броз Тито“ изработија мозаик од логото на ова престижно битолско средно училиште. Мозаикот беше дел од акцијата за уредување на училишниот двор пред Новогодишните празнаци, а е поставен пред главниот влез на Гимназијата.
„Пред и потоа, со добар тим идеите стануваат реалност за само неколку часа. Ученици и вработени од СОУ Гимназија ‘Јосип Броз-Тито’ Битола во партнерство со Регионалното географско друштво ГЕОСФЕРА од Битола учествуваа во волонтерска акција за уредување на училишниот двор и подигање на еко-свеста. Волонтерската акција финансиски е поддржана од Општина Битола и Локалниот младински совет“, велат од Гимназијата.
Ж.З.
Снегот предновогодишно ги израдува битолчани. Во последните години ретко се случуваше Нова година да ја дочекаат со снег. Не се очекува снежната покривка да се здражи долго, но сепак донесе претпразнична романтика и почист воздух во Битола.
Предновогодишна магија во Ниже Поле. Во петокот вечерта во дворот на црквата Св. Петка се одржа првиот Нижеполски базар. Настанот беше од хуманитарен карактер. Целта беше паричните средства кои ќе се соберат, да се донираат на самата црква за потребите на мештаните.
Оваа зима за првпат во Битола проснежи. Но, според синоптичарите снежна покривка нема да се задржи. И утре се очекува да провејува снег. Температурата денес и утре од три степени до минус четири Целзиусови.
Ж.З.
Општина Могила гради пешачка патека долга 500 метри која води низ населбата се до реката Шемница каде за празникот Богојавление Водици се фрла крстот. Патеката се гради по барање на жителите на Могила, а со цел поголема безбедност на учениците и пешаците.
Градоначалничкта на Општина Могила Јасмина Гулевска потпиша договор со Швајцарската агенција за развој и соработка за грант од 62 илјади швајцарски франци. Од грантот 50 илјади франци ќе бидат искористени за реконструкција на ОУ"Браќа Миладиновци" во село Мусинци и набавка на комби возило за превоз на ученици. Со ова Општината продолжува да наоѓа начини за реконструкција на училиштата во наслебите во Могила. Недомана со донација од Бугарија беа реновирани училиштето вo село Чарлија и спортската сала во Бач.
Останатите 12.000 франци ќе бидат наменети за зголемување на транспарентноста на Советот на Општина Могила како и учеството на граѓаните во носење на одлуки на локално ниво. Преку проектот, финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка, советниците на Општина Могила ќе добиваат обуки и поддршка за планирање и трошење на општинските буџети. Тоа ќе значи и имплементација на иновативни ИТ решенија за зголемување на транспарентноста и отчетноста на Општината.
Ж.З.
Синоќа Битола наликуваше на светските џез метрополи. Долгоочекуваниот новогодишен концерт "Приказна за еден град" се претвори во првокласен музички настан по кој ќе се памети оваа 2019 година. Големата сала на Центарот за култура беше исполнета до последното место, а од аспект на сцена, осветлување и звук концертот ги исполна сите стандарди на вистински голем настан.
Голема градежна офанзива со реконструкција на голем број на улици најави власта на денешната седница на која се гласаше буџетот за следната година. Во 2020 година ќе се реконструираат улиците Илинденска, Димитар Илиевски-Мурато, Македонска фаланга, Партизанска во делот од Веро кон поранешната телевизија Орбис, Браќа Џаферови, десната страна од Булавар Први Мај, Димитар Валхов, Рузвелтова, АСНОМ, „2 Август, 12 јули, Цане Василев, Борис Наумовски Борче и многу други кои со години наназад само се крпеле, а не биле целосно реконструирани.
„На граѓаните им треба уште многу повеќе имајќи ги во предвид наталожените инфраструктурни проблеми. Велам наталожени, зашто дури и Илинденска за која завчера беше кажано дека била оставена како улица со готова проетна документација и изведувач од годините како се влечела нереализирана, договорот временски истекол и бараше нова постапка која моравме да ја реализираме. За Илинденска каде во овој зафат имаме 15 милиони денари , општина Битола ќе вложи 3 647 101 денар само за секундарен водовод и 6 909 136 за секундарна канализација, овие фази ќе одат преку Водовод и Нискоградба додека коловозот од 22 милиони денари ќе се реализира преку склучен договор со БВ Инженеринг. Тоа значи дека по сите основи ако ги соберете сумите Илинденска треба од сите изводи на средстав да биде покриена со влог од 32 милиони денари“, рече градоначалничката Наташа Петровска.
За патот за село Маловишта веќе е избран изведувачот, 22 милиони денари се обезбедени. Во Лопатица е избран изведувач за патерно уредување. Во Долно Оризари се градат улици од 5 милиони денари , а нарачана е и проектна документација за останатите улици во Долно Оризари, Бистрица, Кравари и Жабени. Планирани се улици и низ други битолски селски населби.
Ж.Здравковска