АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Од корените до цветот- тоа е мотото на 52 издание на Фестивалот на народни игри и песни „Илинденски денови“ кој на 18 јули започнува во Битола и ќе трае 12 денови. Фестивалот е со најобемна програма досега, која за прв пат вклучува и Интернационален фестивал на етно филмови. Ќе следуваат работилници, изложби и стручен симпозиум кои ќе бидат убав вовед во фестивалските вечери, кои повторно со големото дефиле по улиците на Битола стартуваат на 26 и ќе завршат на 30 јули. Фестивалски денови на едно место ќе соберат над 1.000 учесници.
„Оваа година започнуваме порано, а поводот е навистина посебен. Иницијативата во рамките на фестивалот да заживее и филмот како медиум, ја реализиравме и од годинава Илинденски денови се и организатори на Интернационалниот етнографски филмски фестивал, кој носи 11 филмски наслови од кои 6 се долгометражни. Селектор на фестивалот е познатиот македонски новинар кој живее во Франција, Тони Гламчевски и кој заедно со својата сопруга таму организираат фестивал кој ги надмина нивните национални граници. Оттука и сериозноста на овој проект, кој со таа поддршка оттаму, дава сериозни намери и за локалната домашна филмска продукција да го негува етно жанрот, зошто конечно истиот добива свој фестивал кај нас“, истакна Маја Андоновска Илијевски, директор на Центраот за култура кој е организатор на „Илинденски денови“.
Гости од Шпанија, Мексико, Колумбија, САД, Полска, Италија, Србија и десетици домашни ансамбли ќе го донесат националниот фолклор низ улиците на Битола, под светлата на фестивалските сцени кои годинава ќе ги има и на стари и познати, но и на некои сосем нови локации. Овој фестивал, кој пред неколку години се стекна со ЦИОФФ цертификат, при што се вброи во елитната листа на најдобри светски фестивали на фолклор не е случајно толку познат и признат ширум светот.
„Ако во 1971 година идејата беше револуционерна за фестивалот, оттогаш до денес тој има еволутивен тек и зад него стојат генерации на луѓе кои вградиле многу. Овој фестивал не е само фестивал во традиционална смисла на зборот, каде што некои мислат дека ќе дојдат, ќе заиграат и ќе заминат, овој е фестивал кој чува и поттикнува на истражување, инспирира, креира и создава нови вредности. Заради сето тоа денешната слика на фестивалот е прекрасен мозаик од традиција, која потекнува од корените и од цветовите кои што ги сочинуваат креативноста и луѓето од овој фестивал“, изјави Валентин Соклевски, програмски селектор на фестивалот.
Покрај надалеку познатото дефиле „Со песни и игри по битолските улици“ кое градот го претвора во една голема отворена сцена со илјада учесници, и стартот на концертна програма кој го означува домашниот ансамбл „Илинден„ со изведба на „Комитското“, ќе се одржат и концерти на Влатко Стефановски и Танец, танцовиот перформанс „Популус“ на Филип Петковски, мултимедијалниот проект за градската култура на ансамблот „Македонија“ како и за прв пат вклучувањето на битолската коњаница „Галоп“ која ќе го помине Широк Сокак станувајќи дел од овој фестивал. „Илинденски денови“ е фестивал поддржан од Министерството за култура и Општина Битола во рамките на битолското културно лето Битфест.