2win800x200

Копанки ќе се обнови, а ние сме негови чувари, соопштија од ПСК „Пелистер“

Јуни 25, 2018

Оваа генерација на битолски планинари од ПСК „Пелистер“ и покрај тоа што поседуваат неспорен правен континуитет и целосна документација за имотот на клубот, не се сопственици во смисол на кој што некои го посакуваат, туку само негови чувари. Вистинските сопственици се генерациите пред нас, сегашните, но и идните генерации планинари и граѓаните на Битола. Ова е дел од соопштението што ПСК „Пелистер“ го испрати до медиумите по вревата што се крена во јавноста околу обновата и приватизацијата на домот. Имено, пред три недели клубот започна со работна акција за обнова на домот, а Општината соопшти дека ќе обезбедат 100 000 евра за „Копанки“ но доколку им се даде сопственоста зашто не можат да вложуваат во туѓ имот. Потоа се појавија други здруженија и поединци кои побараа ревизија на приватизацијата на „Копанки“.

 

„Веројатно инспирирани од лични амбиции за приграбување на имотот на ПСК ‘Пелистер’, членовите на едно новоформирно здружение на кое му подадовме рака веднаш по неговото формирање, сега ја доведуваат во прашање сопственоста на Планинарскиот дом „Копанки“. Истите, во таа негативна медиумска кампања, соопштенија за јавност, фејсбук-постови и коментари, се поддржани од еден пратеник во Собранието на Република Македонија кој директно и фамилијарно е поврзан со таа групација. Во нивните обраќања се споменуваат плацеви, хотели, лична сопственост (тоа што веројатно тие го посакуваат), а не можат, или не сакаат да разберат, дека оваа генерација на битолски планинари од ПСК „Пелистер“ и покрај тоа што поседуваат неспорен правен континуитет и целосна документација за имотот на клубот, не се сопственици во смисол на кој што тие го посакуваат, туку само негови чувари. Вистинските сопственици се генерациите пред нас, сегашните, но и идните генерации планинари и граѓаните на Битола. Како чувари на тој имот имаме обврска да го одбраниме од било кого, без разлика дали е во прашање поединец, група или институција“, пишува во соопштението на ПСК „Пелистер“

Понатаму, го поздравуваат Заклучокот на Советот на Општина Битола, за конечно согледаната потреба за обнова на Планинарскиот дом „Копанки“, но истовремено и искажуваат несогласување со некои акценти од истиот.

„Доколку претходно бевме исконтактирани, што и побаравме во писмениот допис до градоначалничката на Општина Битола од 12.06.2018 год. веруваме дека Заклучокот ќе беше поквалитетен и спроведлив, без потреба од негова измена и со конкретни активности во правец на обнова на „Копанки“, а се` тоа во интерес на граѓаните на Битола. Го побиваме аргументот дека општината не може да издвои средства за обнова на опожарениот планинарски дом. Имено во Законот за локална самоуправа при дефинирање на надлежностите на општината во чл.22, став 1, точка 6, децидно е опишана обврската на општината да ги подржи: Спортот и рекреацијата - развојот на масовниот спорт и рекреативните активности; Организирањето на спортски приредби и манифестации; Одржувањето и изградбата на објекти за спорт; поддршка на спортски сојузи; Во чл. 24, е утврден Начинот на извршување на надлежностите, а во став 2 децидно е напишано: Општината може да го делегира вршењето на одредени работи од јавен интерес од локално значење на други правни или физички лица, врз основа на договор за извршување на работи од јавен интерес, во согласност со закон“, пишува во соопштението.

Доколку дошло до средба и договор со Општината Од ПСК „Пелистер“ ќе предложеле да се обврзат бесплатно да обезбедат 10.000 ноќевања на деца од битолските основни училишта, што во услови на нефункционално детско одморалиште на Пелистер ќе ја подобри севкупната состојба во таа сфера, посебно во делот на одржување на настава во природа, престој на децата во здрава средина, запознавање со планината и планинарството. Понатаму, за потреба на Општина Битола ќе понуделе бесплатен простор за одржување на семинари, работилници, сместување на учесниците, организирање на посети до маркантни точки на планината, креирање на програма за тнр. тим-билдинг и др.

На крај истакнуваат дека по сите изнесени аргументи од нивна страна и како што велат, покажаната добра волја за соработка и подготвеноста за средба со градоначалничката, бараат од општината да помогне како што градоначалникот на Скопје овие денови јавно вети дека ќе го обнови планинарскиот дом „Водно“ на Планинарскиот клуб „Бистра“ од Скопје, ако не сами ќе го овбноват.

„Копанки ќе се обнови! Работиме чесно и транспарентно, со јавно објавени податоци, со изграден механизам на контрола и три поврзани потписи за наменската сметка за обнова на домот. Тој своевиден манастир на македонското планинарство, изграден од нашите претходници, ќе го обновиме во полн сјај со помош на граѓаните“, пишува во соопштението на ПСК „Пелистер“.

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани