АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Градоначалничката Јасмина Гулевска после една година од преземањето на функцијата градоначалник на Општина Могила, во соопштение до јавноста откри дека за една година власт успеала да исплати повеќе од половина од наследениот долг на општината.
-Пред да ја преземам функцијата градоначалник бев свесна дека ќе се соочам со финансиски проблеми и долгови на општината. Ја презедов таа одговорност и се задолжив да работам чесно и транспарентно, граѓаните имаат право да ја знаат вистината за фактичката состојба на нашата општина.
По извршената внатрешна финансиска ревизија висината на долгот изнесуваше 30.437.408,00 денари.
И покрај малиот буџет со кој располага општината со гордост можам да кажам дека исплативме 17.141.726,00 денари.
Сето тоа го постигнавме со домаќинско и одговорно работење и штедење, по пат на спогодби со доверителите настојуваме да го исплатиме и преостанатиот долг.
Во моментот долгот на Општина Могила изнесува 13.295.682,00 денари, наведува градоначалничката на Општина Могила Јасмина Гулевска.
Таа понатаму пишува дека нејзина одговорност е да работи законски со парите на граѓаните и дека со помош од централната власт целосно финансиски ќе ја стабилизира општината.
-Благодарение на Владата со донесувањето на Одлуката за финансиска поддршка на општините за раздолжување на 51% од пријавените неплатени обврски, општина Могила ќе се доведе во една стабилна финансиска состојба, ќе се зајакне фискалниот капацитет, ќе се врати довербата кај стопанството, а со тоа ќе добиеме ослободување на повеќе средства за развојни проекти во интерес на граѓаните, напиша Гулевска.
Таа напоменува дека со функционирањето на локалната самоуправа „за прв пат се запознав во 2013 година како народен избраник за да бидам член на Советот на Општина Могила. Како тогашен член на Советот на Општина Могила бев во тек со капиталните трошоци, побарувања и задолжувања кои една Општина ги имаше за да функционира. Тоа ми даде дополнителен поттик и во ист момент и предизвик да се запрашам дали можам да одговорам на тој предизвик – водење на локална самоуправа И успеав во тоа и денес одговорно, совесно и секојдневно остварувам по еден нов предизвик“, пишува Гулевска.