АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Со свечена седница, потпишување на договор за соработка со Коломбел, Франција и други пригодни активности, општина Новаци денес прослави 23 години постоење.
„Од типично рурална општина пред 23 години, денес Новаци е општина со која сите треба да се гордееме. Таа денес претставува стопански, административен, образовен, културен, уметничнки и спортски центар. Постојано вложуваме во инфраструктура, во изградба на нови паркови, засадување на дрвја, реконструкција на училишта и градинки. Нашата општина е една од најперспективните рурални општини која интензивно се развива. Заедно со Советот на Општината и граѓаните, чекор по чекор, упорно работиме и ја градина општина Новаци“, рече градоначалникот Љубе Кузманоски.
Во своето обраќање на свечената седница Кузманоски рече дека 2018 година ја завршиле успешно со реализација на капитален проект уредување на порој во село Гермијан, како и тротоари во должина од 910 метри, подобрување на патната инфраструктура, во соработка со ЈП за државни патишта направиле рехабилитација на регионален пат Битола- Новаци- Рек во должина од 12 километри, како и асфалтирање на регионален пат Рапеш –Старавина во должина од 9 километри, улица во село Градешница од 650 метри, локални патишта и улици од 1500 метри, како и полски патишта од 6000 метри на територија на општина Новаци.
Во делот на комунална инфраструктура, изградиле атмосферска канализација во должина од 1850 метри,го подобриле водоснабдувањето во неколку населени места, ја исчистиле каналската мрежа и пороите во должина од 12 километри, изградиле водопила во неколку населени места, реконструкција на бунари со партерно упредување во вид на мини паркови во населени места. Понатаму, милтифукционално повеќенаменско игралиште во Долно Агларци, а жителите во Бач по многу години добиле рурална амбуланта со медицински тим.
„Тука не застануваме, продолжуваме со уште посилно темпо во 2019 година. Во период што следува активностите ќе бидат насочени повторно кон реализација на капитални проекти, подобрување на патната инфраструктура, заштитата на животната средина, подобрување на водоснабдувањето во секое населено место, изградба на брана на Елека Река, реконструкција на доводен цевковод од петте чешми во селото Старавина, како и реконструкција на општинската зграда Новаци, подобрување на условите во образованието со реконструкција на училиште во село Бач и изградба на спортско игралиште. Само со ваков активен пристап ќе можеме да ги следиме потребите на граѓаните и ќе овозможиме развој на општината со уште позабрзано темпо. За нас потребите на граѓаните се секогаш на прво место“, рече Кузманоски.
Тој заедно со колегата од француската Општина Коломбел, Марк Потје, потпишаа Договор за разбирање и соработка.
„Соработката меѓу Коломбел и Општина Новаци не само во последните години, туку се провлекува од многу поодамна преку сеќавањата и минатото. Ние веќе неколку години сме во постојана соработка како општини. Како што доаѓаме од година во година можеме да ги забележиме сите тие разлики кои одат кон модернизација на Новаци. Оваа општина се трансформира во убаво место за живеење“, рече градоначалникот на Коломбел, Потје. .