АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Битола вчера вечер била повеќе загадена од Новаци иако на нејзина територија е комбинатот „РЕК“ Битола. Ова го покажаа податоците од деветтиот сезнор што го постави Платформата „Земи здив“ за следење на квалитетот на амбиенталниот воздух во Битола. Деветтиот сензор е поставен на фасадата од општинската зграда во Новаци оддалечена на 2 километри од РЕК, а во Битола на различни локации се поставени осум други мерачи на квалитетот на воздухот од „Земи Здив“.
„Мерната станица што ја поставивме во Новаци, од вчера има дел податоци, па направивме еден пресек на концентрациите помеѓу 18 и 24 часот. Генерално се забележуваат високи концентрации во Битола , а пониски во Новаци. Барем за таа вечер загадувањето не доаѓало од тој простор. Ние зборуваме за краток период од шест часа, а кога ќе имаме подетални сумирања од неколку месеци или барем еден месец ќе можеме да направиме пресек и да донесиме заклучок“, рече Мите Ристов од „Геосфера“ која е составен дел од Платформата „Земи здив“.
Претседателот на платформата Драган Вељанов ги повка битолчани што почесто да ја користат мобилната апликација која нуди податоци во текот на 24 часа за состојбата во водухот во Битола, како и надлежните за да можат врз основа на нив да направат стратегија за решавање на проблемот. Тие вчера ги презентираа податоците собрани од сензорите во изминатите осум месеци.
„ Оваа глобална мрежа не е еден вид конкуренција на државниот мониторинг систем за квалитет на воздухот туку едно дополнување зашто Битола иако е еден од најзагадените градови во земјава и во Европа немаме константен државен мониторинг и ете сега сме сведоци дека мерната станица Битола 1 е исклучена од јуни, не функционира, а Битола 2 не функционираше 6 месеци, значи немаме константен моноторинг, а редовен мониторинг е 24 часа 365 дена во годината што го овозможуваат нашите сензори“, рече Вељанов.
Ж.З.