Универзитетскиот професор Дејан Трајковски од Битола, повторноно низ математичко статистичка анализа на базичниот репродукционен број Р0 предвидува неколку можни сценарија на состојбата со КОВИД-19.
За потсетување, зад репродукцискиот број или факторот на репродукција Р се крие потенцијалот за ширење на вирусот. Ако факторот на репродукција е поголем од 1, секое заразено лице ја пренесува болеста на најмалку едно друго лице - вирусот се шири. Ако бројот е помал од 1,се помалку луѓе се заразуваат и бројот на инфицирани се намалува. За да се спречи ширењето на вирус, неговиот фактор на репродукција мора да биде помал од 1.
Еве што пишува професорот Трајковски:
Во последниве 107 дена имавме само дваесетина денови со базичен репродукционен број R0 помал од единица и тоа од долгиот полициски час за Велигден до попуштањето на мерките пред 1 мај. Целото останато време беше R0>1, со драматични скокови после првото попуштање на мерките и бајрамскиот скок, кој се поклопи со второто попуштање. Високиот R0 за само неколку денови ја зголеми брзината на заразување која сега никако не можеме да ја спуштиме.
Деновиве слушаме дека бројот на активни случаи ќе растел само уште 7-10 дена, а потоа наводно ќе започнел да опаѓа. Но, дали навистина ќе биде така? Ова оптимистичко сценарио би се остварило само ако биде R0<1 континуирано во тек на неколку наредни недели.
На вториот дијаграм гледаме резултати од симулацијата при R0=0,9. Навистина, розовата линија расте само уште неколку дена, кратко стагнира, а потоа започнува да оди надолу. При тоа вкупниот број на случаи продолжува да расте, дури и во ова сценарио, додуша сé побавно. Оздравените и починатите исто така растат.
Второто, помалку оптимистичко но многу реалистично сценарио, при R0=1, вели дека бројот на активни случаи ќе престане да расте (розовата линија на третиот дијаграм), но откако ќе достигне плафон, одбива да оди надолу! Тогаш болниците ќе заличат на автобуски станици, каде едни случаи се испишуваат, а секој ден се запишуваат просечно ист број на нови случаи. Вкупниот број на случаи како и оздравените (заедно со починатите) во ова сценарио растат праволиниски, по аритметичка прогресија.
Третото најнегативно сценарио (на четвртиот дијаграм) е со претпоставено R0=1,1. Во ова сценарио иако во наредните денови ќе дојде до брзо оздравување и испишување (но и умирање) на разболените од изминатите дваесетина дена, сепак експоненцијалниот раст на новите случаи ќе биде уште побрз од брзината на испишување на оздравените, па како резултат на тоа бројот на активни случаи ќе продолжи да расте, иако со намалена брзина отколку сега.
Заклучок: ако сакаме да се намали бројот на активните случаи мораме (со примена на добро познатите мерки) да го спуштиме R0 под единица. Но, гледајќи дека без полициски час не сме имале подолго такви периоди, таквото оптимистично сценарио треба да се прифати со скепса. Слушајќи го кризниот штаб, кој вели дека бројот на новозаразените ќе продолжи да расте но дека тие СЕ НАДЕВААТ дека ќе започне да опаѓа, сфаќам дека всушност немаат ни план, ни стратегија ни начин за спуштање на R0 без полициски час или карантин, вели проф.д-р Дејан Трајковски