АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
-Јас со две раце ќе го гласам тој директор што ќе го поставите и што ќе ги потроши парите од наменската сметка. Но кога ќе оди в затвор и вие да одите со него. Се сеќавата на едни дискусии кога на директорите на училиштата им велевме работите лошо, ќе дојде ден кога некој ќе одговара? Дел од советниците на ВМРО-ДПМНЕ им велеа браво, терајте. Директорите ги судеа, ги осудија ама овие што ги храбреа не одат со нив веќе. Дали вие некогаш ги пренаменивте парите од наменската сметка во институцијата со која управувавте?. Не можам да разберам некој кој управувал со таква институција вели зошто не ги пренаменивте парите, а добро знаете дека тоа е невозможно, вака Валентин Груевски, советник од ЛДП и реплицираше на советничката од ВМРО-ДПМНЕ Марица Тодоровска, и поранешна диеркторка на старскиот дом „Сју Рајдер“ во Битола, кога таа од говорницата во Советот рече дека парите кои останале на наменските сметки на двете градинки во Битола, можеле да се искористат за други проекти.
- Градинката „Естреја Овадија Мара“ има на сметка 16 милиони денари кои можеше да се потрошат за капитални инвестиции. Повеќето градинки немаат сончеви колектори, што е многу битно. Можело да се уредат дворните површини, затоа што не изгледаат како што треба. Направени се орманчиња, завеси, делимично санитарните јазли. Програмата не ни остави впечаток за да ја изгласаме. Во програмата нема предвидено дека ќе има капитални зафати за зголемување на капацитетот на детските градинки затоа што на листата на чекање има над 300 деца. И детската градника Мајски цвет има сличен проблем, има 10 милиони денари кои ќе се вратат во државниот буџет на крајот од годината. И објектите на Мајски цвет се стари и со овие пари не видов дека има капитални предвидување во програмата со што овие стари објекти би се направиле попристојно место. И таму е листата за чекање долга, рече Марица Тодровска, советник од ВМРО-ДПМНЕ.
Груевски и одговори дека во изминатите 4 години во градинките се инвестирани 600 илјади евра и нивниот лик е променет до непрепознатливост, а Тодровска го потценува тоа што е направено
-Со неприфатлива леснотија зборувате за инвестиции од илјадници евра, за објекти кои прокиснувале и капеле, а сега имаат целосно променет лик. Она што е направено во Пролет ја промени состојбата до непрепознатливост. Во овие 4 години во двете градинки се вложени 600 илјади евра, бројки има, се гледа она што е вложено, секогаш треба уште, нема крај инвестирањето, но сликата која беше пред 4 години или пред 10 и ова што е сега, е целосно променета. Намерно ја прескокнавте фактот дека во Битола се градат две големи градинки, една во Касарната чија изградба започната во јануари 2021 година, а целокупната инвестиција е 800 илјади евра. 200 илјади евра од Кромберг и Шуберт, а 200 од општина Битола. Новата власт ќе треба да ја опреми и да ја уреди, за што ќе се потребни 400 илајди евра. Има капацитет од 250 деца. Тоа е начинот како ќе го намалиме редот на чекање. Втората градинка се гради кај училиштето Климент Охридски, вкуната инвестиција од милион евра е на Министерството за труд и социјала, со капацитет од 150 деца, рече Груевски и додаде
-Разбирам дека мнозинството треба да најде маана или нешто лошо во работењето на било која институција за да бидат променети директорите и тоа за мене е легитимно. Имаше избори, ја добивте довербата од граѓаните и вие треба да раководите со институциите, но бидете покреативни кога треба да најдете причини за да ги смените сегашните директори, и рече Валентин Груевски на Марица Тодоровска од ВМРО-ДПМНЕ
Мнозинството во Советот на Општина Битола на третата седница не ги усвои програмите за работа на градинките за следната година.