АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Република Македонија да му плати на лустрираниот Никола Костурски од Битола отшета од 6500 евра поради прекршено човечкото право за фер судење со што му се нанеле неправда и душевен бол, пресуди Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Костурски, лекар специјалист и долгогодишен претседател на Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија, беше лустриран во 2013 –та година.
Тој вели дека лустрацијата му се случила откако се спротивствил традиционалната средба на Македонците од Егејскиот дел на Македонија што секоја година се одржувала во Трново да биде соединета со Иселеничката средба, која пак ја организира Светскиот македонски конгрес.
„Во 2013 година дојде писмено барање од Светскиот македонски конгрес и од тогашниот градоначалник Владимир Талески да се укине средбата на Македонците од Егејскиот дел на Македонија што се одржуваше во Трново и да се прославува една заедничка Иселеничка средба. На таквото барање се спротивставив јас и цело претседателство застана зад мене. По ова, есента во ноември бев лустриран. Од 2014 година наваму нема средба на Македонците од Егејскиот дел на Македонија. Здружението требаше да влезе под капата на претходната власт и откако јас по лустрацијата оттаму бев отстранет, тоа стана партиско определено“, вели Костурски.
По лустрацијата Костурски поднел жалба до Управен суд на Македонија, па до Вишиот управен суд, но бил одбиен. Во неговото досие нема изјава дека бил таен соработник на Службата за вантрешни работи. Потоа поднел тужба до Стразбур, каде по две години било пресудено во негова полза. Но, и покрај ваквата пресуда, тој и понатаму формално останува лустриран. Поради ова најавува дека здружено со други лустрирани лица кои ги добиле споровите во Стразбур, ќе бараат преку македонските инститиции да добијат правда.
„Или да ни се дозволи фер судење или да се донеси одлука да бидат поништени овие предмети кои Стразбур ги враќа назад како неправилно пресудени“, рече Костурски.