АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Во рамките на проектот за граѓанско учество поддржан од УСАИД „Инспирирај, вклучи се, волонтирај“, Младинскиот културен центар од Битола и Општина Битола, го промовираа Советот за волонтерство.
-Полето на дејствување е поттикнување на волонтерството во Битола. Досега воглавно се практикуваше од младинските и другите граѓански организации, а во следниот период ќе направиме напори да се прошири во основните и средните училишта и на тој начин да добие една поголема масовност. Целта е доброволците да бидат поттикнати од најмали нозе, односно луѓето доброволно да прават нешто за другите и за заедницата во која што живеат. , рече Виктор Илиев, претседател на Советот за волонтерство на Општина Битола.
. Градоначалничката Наташа Петровска го поздрави формирањето на ваквиот совет и залагањето за што поширока опфатност на волонтеризмот во денешното живеење.
„Се вклучуваме со конкретни активности кои што се однесуваат на волонтеризмот, нешто што го започнавме неодамна со потпишувањето на меморандумот за соработка помеѓу МКЦ и Општина Битола, а е во функција и насока на јакнењето на културата за волонтеризам помеѓу младите луѓе и на тој начин вклучување во општествената заедница и подготовка за уште поголем придонес во подоцнежната фаза од нивните животи. Ова е добар проект кој што покажува дека не само младите, туку и граѓанството треба повеќе активно да се вклучува во својата општествена заедница и заедно со локалната самоуправа да прави чекори и активности кои што се во функција на подобрување на условите во општината“, рече градоначалничката на Општина Битола, Наташа Петровска.
Во рамките на овој настан се одржа локална дискусија на тема „Влијанието на волонтирањето врз заедницата“, чиј фасилитатор беше Сашо Додовски.