АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Спомен обележје за загинатите војници и цивили во Македонискиот фронт по повод сто години од крајот на Првата светска војна беше отскриено денес во новачкото село Брод.
Градоначалникот на Новаци Љубе Кузманоски рече дека споменикот ќе биде сведоштво за минатото, но и потсетник за во иднина заеднички да градеме мир.
„Означуваме сто години од крајот на Првата светска војна, во чест на сите загинати војници, во чест на сите загинати цивили кои се нашле во тие борби пред сто години. Овој споменик го подигнавме да биде сведок на се она што се случувало пред сто години и сакаме да порачаме дека ние ќе градиме иднина во мир и порачуваме никогаш повеќе да не се вратат тие страдања. Да мислиме на добро, на мир, а не на војна“, вели Кузмановски.
Европа има потреба од пример каков што е Македонија зашто таа дава прмиер за помирување со сите свои соседи, изјави францускиот амбасадор Кристијан Тимоние на денешното откривање на споменикот.
„Со загриженост гледаме дека меѓународната заедница во овој момент минува низ одредени тешкотии. Треба да бидеме многу внимателни со предизвиците на иднината. Но, и историјата ни дава дополнителна врска за да го изградеме мирот заеднички, за помирувањето зашто вашата земја во овој момент дава еден пример за помирување со сите свои соседи, а ние имаме потреба од таков пример во Европа што значи имаме потреба од вас во Европа. Вашата земја не ја гледам повеќе онака растргната како што била пред сто години, туку ја гледам како еден составен дел и значаен чинител во меѓународнарта заедница“, рече Тимоние.
Пред споменикот свежо цвеќе положија делегации од Франција, Русија, АРМ, Општините Битола, Новаци, Могила, Демир Хисар и други гости.