АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Од новата учебна година во Средното општинско училиште „Таки Даскало“ во Битола отворена ќе биде билингвална паралелка со настава на англиски и македонски јазик, соопшти директорката Елизабета Наумовска.
„Интересно од оваа година покрај истите гимназиски паралеки кои ги има низ сите гимназии во Македонија, во новата учебна година имаме и билингвална паралелка, односно македонско-англиска, која ќе овозможи поголемо совладување на англискиот јазик кој знаеме дека е јазик на комуникација во светот денес“, рече Наумовска.
Новина во ова училиште во учебната 2019/2020 година е тоа што се отвора насока за козметички техничар за нега и убавина.
„Во стручното образование покрај струките што досега ги имавме , од први септември ќе бидат со обновени наставни планови и програми, рударска, сообраќајна, текстилна , графичка и градежно архитектонска струка, од оваа учебна година отвораме и нова струка од областа на лични услуги, односно козметички техничар за нега и убавина. Сите струки што ги нудиме во училиштето даваат можност за самостојно отворање на бизнис зашто учениците стекнуваат практични вештини од областа и вештини како да водат сопствен бизнис“, додаде Наумовска.
Денес во Битола беше одржан Саем на средни училишта на кој деветоодделенците имаа можност да се запознаат со насоките на шесте општински средни училишта и Државното музичко училиште.
Од Битола има околу 800 ученици кои завршуваат основно образование и на есен ќе седнат во клупите на средните училишта во градот. Во Битола да учат средно образовабние доаѓаат и ученици од Могила и Новаци каде нема средни школи, а некои струки привлекуваат ученици од Демир Хисар, Ресен, па и од Неготино и Росоман.
Уписите ќе бидат во три рокови и ќе се понудат над 1700 места во средните школи што е многу повеќе од вкупниот број на ученици за упис, но така ќе се овозможи сите ученици да се запишат во средно образование.
Ж. З.
Фотографии од Саемот на средни училишта