АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Со повеќе активности во наредниот период битолската Библиотека и основните училишта од Битола, ќе ги одбележат месецот на екологијата и пристигнувањето на пролетта. По повод 19 Март – Светски ден на ластовичките и 22 Март – Светски ден на водите, в понеделник (19.03.2018) со почеток во 12 часот во холот на НУ Универзитетска библиотека „Св.Климент Охридски“ – Битола, ќе биде поставена тематска изложба на тема „Вода“ подготвена од учениците ОУ „Коле Канински“ – Битола. Исто така ќе биде промовиран и поставен Еко кодексот кој е подготвен од страна на учениците од ОУ „Климент Охридски“ – Битола.
На ден 22.03.2018 година(четврток), со почеток во 11 часот во просториите на Библиотеката, учениците од ОУ “Даме Груев“ – Битола ќе постават упатства за рационално корисење на водата, електричната енергија, за одржување на хигиената во зградата и зеленилото во дворот итн. Упатствата ќе бидат истакнати на соодветни места во просториите на Библиотеката.
На ден 23.03.2018 година (петок) со почеток во 11 часот во просториите на Библиотеката, во рамките на активностите ќе биде одбележан Светскиот ден на метеорологијата со изведба на драматизација и читање пораки.
-Целите за одржив развој на Обединетите Нации претставуваат глобален договор на човештвото за иднината и постоењето на човештвото на планетата Земја. Сите држави на планетата, организации, институции, поединци имаат одговорност пред сегашните и идните генерации да преземат мерки и да делуваат кон зачувување на рамнотежата, а со тоа и опстанокот на човештвото на планетата Земја. Современите библиотеки во 21 век имаат многу поголема општествена улога на генератор на промените и развој на заедниците. Целите за одржлив развој се предизвикот со кој треба да се соочат современите библиотеки и да делуваат. Влијанието произлегува од самиот предмет на работа, концентрацијата на информации, знаење и просторни ресурси кои треба да се стават во функција на индивидуален и општествен развој, посочуваат од НУ УБ „Св. Климнет Охридски“-Битола.