АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
По повод 100 години од раѓањето на македонскиот ликовен уметник Борислав Траиковски, денеска во Завод и музеј Битола беше промовирано посебно монографско издание со поддршка на Македонското научно друштво од Битола. Монографијата е чин на трајно вреднување на делото на Траиковски, зачувување на неговото творештво и неговиот живот во еден долг временски период, беше речено на промоцијата.
Траиковски е роден во 1917 година во Битола, дипломирал на факултетот за ликовна уметност во Белград, во 1951 година и од тогаш се враќа во родниот град каде останува се до неговата смрт во 1996 година.
-По негово кажување, Траиковски е автор на преку 4000 дела, до денес ги имаме регистрирано околу 600 слики во различни техники и формати, додека пак, во монографијата се застапени 250 слики репродуцирани. Голем дел од делата се во Скопје како и кај наши иселеници во Америка и Австралија. Вредноста на сликите е висока од историско, комерцијално и за мене од емотивно значење. Оваа монографија ќе живее толку долго колку и неговите слики, а тоа е толку долго колку што ќе живее и човештвото, рече Никола Главинче, внук на Траиковски, автор и реализатор на проектот.
Траиковски, беше член на Македонското научно друштво од Битола и раководител на одделот за уметност.
-Поводот за издавањето на оваа монографија е 100 години од раѓањето на Траиковски, неговото признато и докажано творештво во градот, во државата и во светот. Овие аргументи ги прифати и Министерството за култура па беше составен дел на Националната програма. Изданието е екстра ексклузивно, но не заради кориците и бојата, туку затоа што внатре е собрано целото творештво на Траиковски. Овој производ е исполнување на барањето пред се на ликовните уметници кои за жал се соочуваат со најважниот проблем нивните дела да завршат во некоја просторија, институција или дом и повеќе да не се видливи, рече Марјан Танушевски, претседател на Македонското научно друштво од Битола.
Со дел од творештвото на Траиковски располага и Завод и музеј Битола.
-Ни претставува чест да бидеме домаќини на еден ваков промотивен настан којшто го опфаќа ликовното творештво на Траиковски. Оваа монографија претставува едно монументално дело и одраз на целокупното ликовно и уметничко творештво на еден од најзначајните ликовни уметници од нашиот град. Особена чест за Завод и музеј Битола претставува што голем опус , значаен по број на дела се наоѓа во нашите простории. Спомен собата за Траиковски е вистински приказ на неговиот творечи момент и вознесение, рече Мери Стојанова, директор на Завод и музеј Битола.
Монографијата е во тираж од 500 примероци додека пак финансиската конструкција е помогната покрај од Министерството за култура и спонзори и од семејството Траиковски.