АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
НА ДЕНЕШЕН ДЕН, 22 АПРИЛ 1945, кај Славонска Пожега, Хрватска загина Јонче ЃОРЃИЕВСКИ, припадник на македонското националноослободително и комунистичко движење и учесник во Антифашистичката војна во Вардарскиот дел на Македонија.
На денешен ден, 19 април 1971, во Белград, Србија, почина Илија СПИРОВСКИ-Панде, припадник на македонското националноослободително и комунистичко движење во Вардарскиот дел на Македонија, учесник во Антифашистичката војна, политичар, економист и општественик.
НА ДЕНЕШЕН ДЕН, 17 април 2004 година почина најмладиот народен херој во цела некогашна Социјалистичка Федеративна Република Југославија (СФРЈ), ФАНА КОЧОВСКА-ЦВЕТКОВИЌ.
Родена била во селото Лавци, Битолско, на 27 јули 1927 година. Со неполни петнаесет години во 1941 г. била активен припадник на македонското националноослободително и комунистичко движење, односно била младинска активистка и член на југословенската комунистичка младинска организација СКОЈ.
Од крајот на 1941 година преминала во илегалство. Учесник во Антифашистичката војна во Вардарскиот дел на Македонија била од ноември 1942 година кога станала борец во Партизанскиот одред „Гоце Делчев“. Подоцна станала младински раководител во Баталјонот „Стив Наумов“ и ао него учествувала во славниот Февруарски поход.
Во време на Пролетната офанзива во борбите околу Злетово била ранета. Се борела против бугарско-германските окупатори и во составот на Третата и Седмата народноослободителна ударна бригада и била член на Главниот одбор на младинската организација на Македонија.
По ослободувањето на земјата од фашистичките окупатори вршела високи општествени и државни функции. Меѓу останатото била иницијатор и организатор на младинската културно-просветна манифестација „Курирче“. Неколкупати била избирана за пратеник на Народните собраниа на Македонија и Југославија. Била член на Обласниот комитет на Младинсклата организација во Битола, била член на Централниот комите на Народната младина на Македонија, претседател на секцијата на жените-задругари на Македонија.
Била и член на Главниот одбор на Сојузот на борците на Македонија и Југославија, член на постојаниот дел на Конференцијата на Сојузот на комунистите на Југославија, а на Десетиот конгрес на СКЈ била избрана за член на Централниот комите на Сојузот на комунистите на Југославија. Била носител на Партизанска споменица 1941. Била прогласена за народен херој на Југославија на 11 октомври 1953 година. Починала во Скопје.
Подготвил: д-р Александар Литовски, историчар
На денешен ден, 17 март во 1922 година, во Битола е роден народниот херој Вангел Нечевски-Тунелот.
Бил припадник на македонското националноослободително и комунистичко движење и учесник во Антифашистичката војна во Вардарскиот дел на Македонија.
Работел како наемен работник во тутунската индустрија. Пред Втората светска војна станал член на југословенската младинска комунистичка организација СКОЈ.
Бил и активен член на прокомунистичките УРСС-ови синдикати. Подоцна бил примен за член на КПЈ. По фашистичката окупација бил ангажиран во акциите на Месниот комитет на КПЈ за Битола за собирање оружје и за растурање пропаганден материјал.
Бил уапсен од бугарската фашистичка полиција во почетокот на 1942 г. По половина година интернација, се вратил во Битола и кон средината на 1942 г. станал борец во Партизанскиот одред "Дамјан Груев".
Подоцна бил курир на Главниот штаб на НОВ и ПОМ. Одржувал редовни врски со грчките и со албанските партизани, пренесувал илегално одговорни политички и воени раководители.
Пред крајот на антиокупаторската борба станал заменик-командант на дивизија. По ослободувањето од фашистичката окупација работел во органите на ОЗНА, вршел одговорни политички и државни должности во Битола и во Социјалистичка Република Македонија (СРМ).
Бил носител на Партизанска споменица 1941 г., на други награди и признанија, а за народен херој бил прогласен на 20 декември 1951 г. Починал во Битола на 5 март 2006 г.
Подготвил: д-р Александар Литовски, историчар
На 3 март во 1920 година во селото Лавци, Битолско, во сиромашно земјоделско семејство, роден е Пецо Гудовски.