2win800x200

(ВИДЕО) Одлична атмосфера на дебитантскиот концерт на поп рок хорот "Битвокс"

Август 23, 2022

Во рамките на офф програмта на Филмскиот фестивал "Браќа Манаки", единствениот поп рок хор кај нас, „Битвокс“,  под раководство на Марина Коруновска, вечерва го имаше својот прв настап, кој наместо на Широк Сокак, поради временските услови се одржа пред влезот на Народниот театар во Битола. Публиката заедно со Битвокс пееше, но и играше и се забавуваше на познатите поп рок хитови „Carrie“, „Zombie“, „Круг“, „Ајде да летаме“, „Каде бегаш“, „Billie Jean“/„Smooth criminal“, „Aquarius“/„Let the sunshine“ .Дел од изведбите и атмосферата на концерот ви пренсуваме во видеото.

 

Во продолжение и дел од разговорот што деновиве го направивме со Коруновска, а поводот беше токму дебитантскиот настап на поп рок хорот Битвокс

Битола е град на конзулите, град на филмот, град на културата, но и град на музиката. Во овој град се родиле големи музички имиња. Но, изминатава година беше создаден уште еден музички проект на кој Битола може да биде и тоа како горда: новиот поп-рок хор „Bitvox“.

- Идејата потекнува одамна, уште пред пандемијата, но чекавме да се создадат услови за да може да се реализира. Во декември 2021 година, во школата „Korunovska music & singing“ ни се приклучи познатиот рок-пејач и гитарист од нашиот град, Михајло Трајковски - Сак, кој ни даде дополнителен стимул да ја реализираме идејата. Веднаш по Нова година се мобилизиравме со подготовки и осмислување на проектот - вели Марина Коруновска, еден од основачите на хорот „Bitvox“.

Постојат класични и детски хорови, но застапеноста на поп-рок музиката во хорските изведби скоро и да не постои или е многу ретка, па затоа најголем мотив за реализацијата на овој проект беше да се биде дел од нешто ново и оригинално, а воедно и да се негува љубовта кон овој жанр на музика, додава Коруновска.

По подготовките беше одржана аудиција, и во март 2022 година хорот започна со работа.

Одличната позитивна енергија и музиката ги синхронизира хористите

Во хорот членуваат 25 членови и се состануваат еднаш неделно, по два часа. Пробите започнуваат со распевање, вокална техника, вежби за дишење и дикција. Вклучени се и вежби за опуштање и релаксација со светски методи на музикотерапија и вокалотерапија.

- Откако ќе завршиме со сите вежби, почнуваме со разработување на музичките аранжмани по гласови, кои ги реализира мојот соработник Александра Ристовска, во придружба на пијано и гитара - вели Коруновска.

Член може да биде секој што е заљубен во музиката

Енергијата за време на пробите е на високо ниво и хористите уживаат додека пеaт и вежбаат. Мотивот е очигледен: огромната желба за пеење и љубовта кон музиката.

- Поаѓаме од мотото: „Негувај го детето во себе“ и таа енергија ја пренесуваме на нашите хористи. На тој начин го поттикнуваме секој од нив да допре далбоко во себе, да го пронајде детето во себе и да ја изрази својата (детска) среќа, сон и желба. Затоа, впрочем се возрасни деца.

За тоа кој може да членува во хорот, Коруновска вели, секој што е вљубен во музиката, има желба за пеење и основна музикалност. Кандидатите не мора да имаат познавање на музичка нотација, затоа што аранжманите ги прават токму тие, спонтано и во склоп на пробите, без нотни партитури.

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани