2win800x200

Почина професорот Љупче Кочоски од Факултетот за биотехнички науки

Септември 08, 2022

Со огромна тага денеска се збогувавме со нашиот драг и почитуван колега, проф. д-р Љупче Кочоски. Професорот Кочоски беше и засекогаш ќе остане еден од најзаслужните и најпочитуваните членови на академскиот кадар на Факултетот за биотехнички науки- Битола. Личност и професионалец, кој беспоштедно ја развиваше науката и наставата, следејќи ги најновите текови во рамките на својата огромна професионална посветеност и работа.

Проф. д-р Љупче Кочоски ја започна својата академска кариера уште во 1988 година на Ветеринарниот институт-Скопје. Во 2004 година го продолжи својот професионален ангажман на Факултетот за ветеринарна медицина Скопје, поточно на Институтот за биомедицина при катедрата за функционална морфологија. На Факултетот за биотехнички науки започна да работи во 2008 година како професор на областите Хигиена и здравје, хигиена, контрола и надзор на анимални производи, анатомија, физиологија и репродукција на домашни животни, In vitro оплодување на животни, емриологија и хистологија. Во својата наставна дејност беше еден од најуспешните и најомилените професори, кој будно и постојано имаше за цел да го пренесе своето знаење на идните генерации. Во опусот на неговата повеќедецениска научна и истражувачка дејност евидентни се многубројните негови научни проекти, трудови и ракописи од областа на генетиката, ембриологијата, матурацијата, вештачкото оплодување и безбедноста на храната, како и членствата во стручни комисии од областа на ветеринарството. Во 2015 година беше избран за декан на Факултетот за биотехничи науки, а во 2019 година беше избран за проректор за настава на Универзитетот „Св. Климент Охридски“- Битола.

Професорот Љупче Кочоски со својата професионална дејност и управување на Факултетот за биотехнички науки и на Универзитетот „ Св. Климент Охридски“,   како и со својата одзивчивост, безрезервно го даде својот придонес, што ќе остави вечен печат и спомен за неговото дело и посветеност.

Со длабок поклон и вечен спомен Професоре! Ќе ни недостасувате!

Од колегиумот на Факултетот за биотехнички науки- Битола

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани