2win800x200

РЕК Битола доби А-интегрирана дозвола

Декември 28, 2022

РЕК Битола конечно доби А-интегрирана дозвола. Министерството за животна средина веќе го објави документот кој предвидува многу активности за заштита на воздухот, водите и почвата во околината на енергетскиот комбинат. РЕК Битола е еден од главните загадувачи што користи фосилни горива за производство на електрична енергија и кој досега работеше без усогласен оперативен план и обврски за заштита на животната средина кои мора да ги почитува.

Од Министерството информираат дека РЕК Битола на почетокот на месецов доби А-интегрирана дозвола, а како дел од дозволата е изработен и оперативен план што предвидува активности кои ја усогласуваат работата на овој енергетски капацитет со новата директива за индустриски емисии.

„Генералните политики на Владата и на Министерството се да ги насочува активностите на индустриските капацитети кон користење на поеколошки горива и енергија добиена од обновливи извори“, велат од Министерството.

Главната и најскапата активност предидена во оперативниот план на А-интегрираната дозвола на РЕК Битола се однесува на намалување на емисиите на сулфур и прашина во воздухот и чини 145 милиони евра. Десулфуризацијата треба да се постигне во две фази, преку намалување на прашината со реконструкција на електростатските филтри и замена на вентилаторите и каналите за димни гасови, што е проценето дека би чинело 21 милион евра и со намалување на сулфурните оксиди преку изградба на постројка за десулфуризација, што би чинело 122 милиони евра. Рокот за завршување на првата активност е 2025, а за втората 2026 година.

Според дозволата, граничните емисии во воздухот од оџаците на РЕК треба да опаѓаат до 2026 година. Концентрациите на сулфур за 2023 година се лимитирани на 400 микрограми на кубен метар, а во 2026 треба да паднат на 200. Истото се однесува и за азотните оксиди кои треба да паднат од 500 на 200 микрограми на кубен метар, додека за јаглеродниот моноксид утврдената граница е 100. ПМ честичките и прашината се ограничени на 50, односно 20 микрограми за 2026 година. Енергетскиот капацитет е должен и во рок од шест месеци од издавањето на дозволата, да воспостави План за управување со прашина.

Во моментов, велат од Министерството, РЕК има електростатски филтри, но нивната ефикасност е многу намалена, а како една од позитивните работи што ја оценуваат е фактот дека оџаците имаат висина од 250 метри, што е според најдобрите практики во моментот.

https://meta.mk/

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани