2win800x200

Илинденците и Асномците не се прашувале дали вреди да се продолжи, не калкулирале, не бегале од одлуки и не се криеле, порача Ковачевски од Крушево

Август 01, 2023

Со отворањето на манифестацијата „10 дена Крушевска Република“ вечерва (1.8.2023 г.) на Гумење во Крушево,  под слоганот „120 години Илинден – Огниште на татковината“ и официјално почна чествувањето на големиот празник 2 Август, Илинден – Денот на Републиката.

На отворањето на манифестацијата на која се обрати претседателот на Владата Димитар Ковачевски присуствуваше и министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.

Ковачевски на манифестацијата „Десет дена Крушевска Република“ рече „пред нас е аманетот на Илинденците и Асномците, дека секоја битка за македонскиот напредок– вреди!“

„И Илинденските и Асномците се бореле со се што имале, а најмногу со своите животи за меѓународно внимание, помош, поддршка, за вистинско признание од другите народи, нации и држави! И во тоа успеале! Но, нивните идеали и принципи се идентични и денес! И токму по Илинден 903-та, Асном 44-та, но и Скопје 1991-ва, клучното прашање е: каква држава сакаме и правиме денес? Каква држава сакаме да оставиме утре? Сакам јасно и силно да истакнам дека и ние имаме обврска, имаме незавршена работа, континуирано да ја градиме државата како слободна држава на слободни граѓани! Држава со своја историја, сегашност и иднина! Тоа е нашата обврска, тоа е нашиот наследен завет и аманет, тоа мора да биде нашето наследство за идните генерации! Ние знаеме дека од Илинден - до денес, ништо не било лесно. Затоа што и нема лесен пат до вредна цел. Илинденците и Асномците не се прашувале дали вреди да се продолжи. Не калкулирале со следниот потребен чекор. Не бегале од одлуки и не се криеле. Знаеле и дека во обединувањето е силата – и така и постапувале. Одлуките на илинденците и асномците обврзуваат дека битките се водат, не се напуштаат! Така е добиена битката за слобода. За своја македонска држава. За свој македонски јазик. За признавање на македонскиот идентитет“, рече Ковачевски во Крушево. 

0
Министерката Костадиновска-Стојчевска по повод одбележувањето на  120 години од Илинденското востание и Крушевската Република порача - „Крушево одново сведочи на нашиот копнеж, на нашата битка до последен за слобода, на нашиот глас до светот дека ние Македонците сме жедни за своја Татковина и дека и ние Македоците имаме право на неа. Под бајракот на скапо платената слобода, продолжуваме да ги чуваме и реализираме вредностите на двата Илиндена, 1903 и 1944 година. Нашите илинденци, нашите партизани се најсветиот дел од нашата историја, од нашиот идентитет“, рече Костадиновска -Стојчевска од Крушево .

Манифестацијата  „10 дена Крушевска Република“ која ги претставува културата, традицијата и историјата на Крушево за присутните реализираше богата програма и целовечерен концерт на повеќе изведувачи.

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани