АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Изјава на градоначалникот Тони Коњановски при денешниот увид во проектите кои се во тек во Општина Битола
Покрај во патната инфраструктура, Општина Битола, продолжува со инвестиции и во објектите кои се во надлежност на локалната самоуправа.
На две недели пред почетокот на новата учебна година, училиштата интензивно се подготвуваат за подобрување на условите во објектите, во кои учениците, наставниот кадар и останатите вработени го поминуваат најголемиот дел од денот.
Конкретно, во моментот имаме градежни работи во 3 училишта:
Се наоѓаме во Средното општинско училиште „Таки Даскало“, каде што се врши реконструкција на подот во училниците, во двете училишни згради, комплетно, стружење, китирање и лакирање на паркетот во вкупна површина од 2722 м2, поставување на нови дабови лајсни во вкупна должина од 1858 метри, замена на дотраениот паркет во вкупна површина од 136 м2. Вкупната вредност на проектот изнесува 2.394.380 денари.
Во ова училиште, пред отпочнување е и комплетна санација на внатрешните скали во Блок Б во вкупна вредност на проектот од 496.500 денари, а планирано е и: уредување на училишниот двор со бехатон плочки во делот на паркинг-просторот за вработените во вкупна површина од 418 м2 и вредност од 330.000 денари. Ќе биде набавен нов училишен мебел, училишни табли и столчиња во вредност од 300.000 денари, нова компјутерска и друга ИКТ опрема во вредност од 500.000 денари, како и машини и друга опрема во вредност од 300.000 денари.
Накоро, ќе започне и постапката за замена на дотраената внатрешна дограма со нова.
Во oсновното училиште „Д-р Трифун Пановски“ во завршна фаза е реконструкција на тоалетите и подовите, каде вкупната вредност на градежните работи изнесува 1.722.599 денари, средства од буџетот на Општина Битола. Реконструкцијата вклучува замена на ѕидни и подни плочки, замена на водоводна инсталација, поставување на нова канализациона инсталација, замена на врати, ставање на хидроизолација, поставување на нова санитарија, поставување на ламинат, поплочување на ходникот итн.
Во основното училиште „Елпида Караманди“ во тек на реализација е проектот за реконструкција на тоалети за лица со посебни потреби и замена на кровна подконструкција и кровен покривач на објектот, согласно издаденото решение за реконструкција од Општина Битола. Проектот се реализира врз основа на трипартитниот договор помеѓу училиштето, општината и Министерството за образование и наука.
Во ова училиште, во завршна фаза е и подготовката на просторијата која ќе се користи за дневен престој на учениците, што беше и барање на родители на повеќе генерации ученици. Со почетокот на оваа учебна година, конечно и основното училиште „Елпида Караманди“, ќе добие дневен престој.
Во тек е постапка за обезбедување донација во вредност од 400.000 денари од Кинеска амбасада, за поставување на фотоволтаици во подрачното училиште Даме Груев во с. Долно Оризари, а деновиве општина Битола, ќе започне постапка за јавна набавка за проектирање за поставување на фотоволтаици на три основни училишта.
Во делот на зголемување на безбедноста пред се на учениците, наскоро ќе бидат поставени смирувачи на сообраќајот на „Булевар 1 ви Мај“, пред четирите училишта: Државното средно музичко училиште, Гимназијата „Јосип Броз Тито“, Економското училиште „Јане Сандански“ и Основното училиште „Д-р Трифун Пановски“.
Исто така, работиме и на зголемување на капацитетите за згрижување на деца во детските градинки. Во тек се активностите за адаптација и реконструкција на дел од поранешниот Дом за доенчиња и мали деца, кој ќе биде наменет за детска градинкана површина од 460 метри квадратни, каде ќе бидат згрижени 70 деца.
Конечно, надминати се потешкотиите со кои се соочивме во врска со проектот за изградба на нова детска градинка во АРМ, така што деновиве ќе започне со работа изведувачот кој треба да ги реши проблемите со дренажата на теренот, по што ќе може да се продолжи со изградба на детската градинка.
Во следните две недели, согласно склучените договори, отпочнуваат и активностите во централното градско подрачје на просторот зад поранешниот „ЈАТ“, реконструкцијата на улицата Солунска, неколку улици во Долно Оризири, поставување на одвод на патот Трново – Магарево, што се реализира со средства од Министерството за транспорт и врски, за пота со општински средства да се пристапи кон асфалтирање на патот. Очекувам завршување и на постапките кои се реализираат со средства од Светска банка, а се однесуваат на дел од проектот за реконструкција на улици во населба „Недопирливи“ и реконструкција на улица „Индустриска“.
За реконструкција на улиците во Горно Оризари, ќе ја започнеме постапката за јавна набавка за избор на изведувач, додека во врска со проектот за колекторскиот систем и пречистителната станица за НП Пелистер, проектот за инфраструктура е одобрен и согласно планираната динамика со која работиме со Центарот за развој на пелагонискиот плански регион, очекувам постапката за избор на изведувач да биде завршена во месец октомври.
До крајот на оваа недела, ќе започне реализацијата на уште еден проект во вредност од 4.000.000 денари, кој го реализираме со Центарот за развој на пелагонискиот плански регион за изградба на 3 нови детски паркови, соодветно опремени со детски реквизити во населба Карпош, Долно Оризари и кај ОУ Климент Охридски.
Завршена е и првата фаза од проектот за адаптација на прифатилиштето за кучиња и во тек е постапката за обезбедување на потребната документација од надлежните институции, за започнување со работа на објектот и решавање на проблемот со кучињата скитници.
Изминатиот викенд, асфалтиравме на улицата „16та“, пред тоа паркингот кај улиците „Цане Василев“ и „Кочани“, ги завршивме улиците „Зборска“, дел од СРУ 5, улици во Оптичари, Егри, Лажец, Логоварди, пешачката патека кон Долно Оризари, а продолжуваме со работа и на улицата „Драгорска“, кружниот тек на улица „Прилепска“ со „Баталјон Стив Наумов“, партерното уредување кај Офицерскиот дом, како и реконструкцијата на Спортската сала „Боро Чурлевски“ и паркинг просторот, проекти кои е важно да ги завршиме што поскоро затоа што благодарение на ракометниот успех на РК Пелистер Еурофарм, ни претстои Лигата на шампионите.
Опремувањето на јавните претпријатија со соодветни машини и возила е исто така, дел од она за што го работиме и за што обезбедуваме поддршка, со цел постигнување видливи резултати на добробит на сите граѓани на општина Битола.
Тука секако се вбројуваат и неколку други проекти, како што е изработката на генералниот урбанистички план, реализацијата на проектот „Баир“, проектот „ЕУ за чист воздух“ и други проекти, од кои Битола ќе има навистина голем бенефит.