2win800x200

Битола не ја заборави Сашка Петковска

Август 31, 2024
Сашка Петковска Сашка Петковска

Некои песни не се забораваат. Остануваат евергрини. Таков е случајот со вонвременските синглови на познатата пејачка Сашка Петковска. Денес се навршуваат 41 години од нејзината трагична смрт во сообраќајна несреќа на патот Куманово-Свети Николе, а имаше само 32 години кога почина. Иако беше родена во Зрењанин, се сметаше за битолчанка бидејќи порaсна во градот на конзулите. Битола до денес не ја заборави, на забави се пејат нејзините песни, а музичарите до денес ја издвојуваат како еден од најдобрите женски музички гласови што произлегле од Битола.

Беше родена на 7 јуни 1951 година во Здрењанин, во семејство на Блаже и Војда Петковски. Татко ѝ бил воено лице, па уште додека била мала се преселиле во Битола. За време на детството на површина избил нејзиниот музички талент. Ја нарекувале девојчето со убав глас, па настапувала по детски музички манифестации. Образованието го продолжила во гимназијата, а тоа се совпаѓа со времето кога станала член во групата „Скромни“, предводена од Славе Димитров и Кире Костов.

Нејзиното деби на забавно-музичката сцена било на Фестивалот во Суботица во 1970 година, каде добила прва награда за интерпретација на композицијата „Еден пораз не е крај“. Следната година настапила во интернационалниот состав на забавни мелодии „Кантаџиро“ во Сан Ремо, Италија, каде добила втора награда за интерпретација. На Фестивалот во Бургас освоила втора награда со песната „Толку љубов“, па прва и втора награда на Фестивалот за забавни мелодии „Скопје“ за хитовите „Никогаш, никогаш“, и „Бакни ме“.

Кога се запишала на Филолошкиот факултет за да изучува англиски и француски јазик, се преселила во Скопје. Изградила богата музичка кариера, снимила неколку плочи, а хитовите „Бакни ме“, „Никогаш, никогаш“, „Чао адои“, „Запри срце“, „Гриша“ и други останале да се пеат до денес.

Во 2010 за Сашка Петковска беше посветена и манифестацијата „Незаборав“, во организација на продуцентот Панде Димитровски. Пред преполната сала на Народниот театар во Битола, нејзините песни ги испеаја сум реномирани пејачки од Битола. „Бакни ме“ ја изведе Маргарита Христова, „Чао адио“ Билјана Дамјановска, „Пушти ме како птица“ Марина Коруновска , па следуваа изведби на Анета Мицевска, Анета Ефтимова, Андријана Ацевска, Марија Митровска и Ирена Димовска.

На манифестацијата присуствуваше и нејзината ќерка Сандра Липша, која исто така дел од детството мина во Битола. Тогаш таа за новинарите изјави дека сеќавања за мајка ѝ нема многу зашто починала кога таа била четиридодишно девојче, но дека ѝ ги знае сите песни.

„Конкретно, сеќавања и нема многу зашто почина кога имав четири години, но дел од неа живее во мене. Чуваме фотогрфии од неа, ја слушаме и музичката, ги чуваме албумите. Добро е што се памети нејзината музика и што тоа придонесува да се негува квалитетната македонска музика“, рече тогаш ќерката на Петковска.

Сашка беше на врвот на кариерата кога летото 1983 година на 32- годишна возраст загина во сообраќајна несреќа на патот Куманово-Свети Никола за време на турнеја.

 
Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани