АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Уметноста на пишувањето во Битола - вибрантна креативна работилница за сите генерации Битола, на крајот на август беше убав центар на уметноста на пишувањето благодарение на првата бесплатна работилница за креативно пишување, која беше дел од програмата на БИТФЕСТ.
Овој настан, привлече љубители на пишаниот збор од сите генерации, кои имаа ретка можност да се запознаат и учат од некои од најзначајните македонски писатели на нашето време. Иницијатор на оваа исклучителна работилница беше битолската писателка Јасмина Атанасова, која успеа да собере четири извонредни автори на едно место: Ана Јовковска, Дарко Лешоски, Фросина Пармаковска и Петар Андоновски. Секој од нив со својот уникатен пристап кон пишувањето, својата страст и инспирација, го сподели своето богато искуство со присутните, откривајќи ги тајните зад нивните креации. Работилниците беа поделени во два денови во кои гостите писатели ги споделија своите знаења и техники со присутните.
Фросина Пармаковска го потенцира значењето на љубовта кон пишувањето и читачкото искуство, велејќи: „Пишувањето најнапред треба да се сака, па да се учи. Не може да се биде писател без едно големо, обемно и квалитетно читачко искуство.“ Таа додаде дека за време на настанот во Битола, писателите научиле многу од својата публика, особено радува младата публика која има силен интерес за културни настани: „Битола беше едно прекрасно искуство во кое и ние, писателите, научивме многу: научивме дека има луѓе кои што се желни за пишување и, општо, за културни настани.“
Петар Андоновски, со искрена благодарност кон битолската публика, изјави: „После сите гостувања на саеми и фестивали низ Европа, во Битола (по прв пат!) ми се потврди дека нема поубава публика од домашната. Се гордеам што сите три настани беа преполни со луѓе!“ За него, талентот е темелот на сè, додека техниките и процесот на пишување се нешта кои можат да се научат и усовршат: „За да можете да пишувате првенствено ви е потребно да имате талент. Она што може да се научи на часови по креативно пишување се некои основни техники.“
Дарко Лешоски, со својот препознатлив хумор и инспиративен поглед кон светот, изјави: „Битола за мене е секогаш како убава жена која ја молиш со солзи на очи да престане да те смее.“ За него, пишувањето е уметност која треба да се негува од најмала возраст, како и да се сфати дека дури и „најубавата муза не ги нашла мрзливите и оние кои не биле никогаш тука.“ Тој продолжи да споделува размислувања за пишувањето: „Мислам дека постои вообичаена заблуда низ вековите дека ќе успеете да станете писател само ако сте природно надарени дека треба само да ја земете празната страница в раце и таа ќе биде веднаш исполнета со брилијантните изливи на вашиот генијален ум. Пишувањето несвесно го учиме уште од најмала возраст. Ние сме раскажувачи на приказни од моментот кога не прашувале: 'Дарко како си помина во градинка?'“
Ана Јовковска, една од водечките македонски писателки и истражувачки на по овие два денови во Битола сподели: Деновиве доживеав една поинаква Битола. Вибрантна, жедна за култура, будна и активна. За мене најголема сатисфакција од трите работилници за креативно пишување на програмската активност „Македонските автори за битолчани“ во рамки на „БИТФЕСТ“ на која учествуваме четворица автори Ана Јовковска, Фросина Пармаковска, Дарко Лешоски и Петар Андоновски беше тоа што ни дојдоа луѓе од 17 до 77 години и што седеа и на скали по неколку часа за да слушаат. Луѓето се навистина жедни за култура. Прекрасна енергија и одлична организација!
Модераторката Јасмина Атанасова нè хранеше со нејзината незапирлива енергија, а битолската публика со широко отворени пори впиваше книжевност, филозофија, позија и уметност. Незаборавна Битола! Ветувам дека повторно доаѓам наскоро со промоција на мојата нова илустрирана книга за деца „Љубов во топка“ во Битола. Оваа работилница не само што ги обедини писателите и читателите, туку и го потврди значењето на културните настани кои го збогатуваат градот, истакнаа од Општина Битола кои во рамките на битолското културно лето БИТФЕСТ го поддржаа овој настан. Ова беше ретка прилика да се доживее непосреден контакт со „титаните на новото писателско време“ и да се впие нивната мудрост и креативна енергија, потсетувајќи нè дека уметноста на пишувањето е вечна, и дека секој од нас има приказна која чека да биде раскажана.