АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Бескрајно поучна и емотивна е вистинската приказна за учениците од II 4 одделение од основното училиште „Климент Охридски“ во Битола, каде учат и две деца кои боледуваат од дијабетес тип 1. Второоделенците заедно со нивната одделенска наставничка Весна Аврамовска Димитровска, споделија со јавноста за сите предизвици со кои секојдневно се соочуваат во борбата со болеста на нивните другарчиња.
-Повеќе од една година дијабетесот е присутен во нашата училница. Со цел да влијаеме на свеста на луѓето, одлучивме нашето секојдневие и борбата со дијабетесот да го споделиме со сите. На почетокот, лани, кога беа во прво одделение, ниту јас, ниту децата и нивните родители не бевме свесни што значи дијабетесот. Како што минуваше времето, видовме во што се впуштаме и какава борба ни претстои заедно со децата. Со голема поддршка од родителите и со искрен пристап за она што се случува во училницата, ние научивме тоа да го правиме многу умешно-да мериме гликемија, да се справуваме со ситуации, не само јас туку и моите ученици, кои сега веќе можат да препознаат и поинаква состојба кај нивните другарчиња со дијабетес, рече наставничката Весна Аврамовска Димитровска.
Повеќе од една година, сите заедно, во текот на часовите, доживуваат различни ситуации, па учителката ги научила со соодветни знаци и смирено да предупредат дека на нивните другарчиња здравствената состојба им е влошена и им треба помош
-Децата научија како да препознаат хипо или хипергликемија, имаме развиено посебна комуникација. Имаме знаци со кои можеме да препознаеме дали ситуацијата кај нивните другарчиња е сериозна, дали опасноста е голема, при што треба да биде апсолутна тишина во одделението, за да може да се реагира соодветно. Исто така имаме соодветни знаци кои означуваат добро е , лошо е, со цел да има мир во училницата . Доколку јас работам нешто друго или пишувам на табла, децата доаѓаат до мене да алрамираат за состојбата на другарчето. Бидејќи ги немаме тие соодветни пенкала кои што ги има во училиштата во светот, ние кориситме мед во краен случај за да се подигне гликемијата или пак да се реагира со корекција ако е висока гликемијата, вели учителката.
Аврамовска Димитровска вели дека се соочила често пати со неквалитетен инсулин и мерачи кои што покажуваат големи разлики при мерењето на гликемијата, поради што упати апел до надлежните да обезбедат соодветна и квалитена терапија во училиштата.
-Апелирам колку што е можно побрзо да се набават барем за децата до 12 години сензорите за мерење на гликемијата без боцкање, тоа многу ќе ја олесне наставата и ќе го олесне нивниот живот, вели Аврамовска Димитровска.
Но, не секаде во школите кај нас има ваква грижа за децата со дијабетес. Голем број од нив се дискриминирани и стигматизирани.
-Јас лично познавам дете кое што е исклучено од училиште поради хипогликемии и не оди на школо, што е недозволено во денешено време и не смее да се случува. Затоа дечињата не смеат да се дискриминраат, да нема стигма, да се знае дека тоа е состојба која што треба да се лекува, и ако сите се запознати нема да има последици, а тие дечиња ќе се вклопат во општеството, вели Мира Младеновска, лекар.
Наставничката Аврамовска Димитровска, заедно со своите ученици го одбележаа Светскиот ден на дијабетесот со цел да ја подигнат јавната свест за оваа болест, но и да бидат пример како треба да се постапува со овие деца во училиштата.
-Целта е колку што можеме ние заедно со целиот колектив да ја подигнеме свеста, за овие деца да живеат еднакво како и другите и храбро да чекорат во животот, изјави директорката на ОУ „Климент Охридски“-Битола, Гордана Анастасова.
Настанот го поздрави и градоначалничката Наташа Петровска, која посочи дека ваквиот начин на одбележување на Светскиот ден на дијабетесот значи јакнење на свеста во целото општество за значењето на ова заболување.
-Одбележеувањто на Светскиот ден на дијабетесот на ваков начин во една образовна институција е многу значајно, затоа што на овој начин се буди свеста кај младата популација за културата на живеење, начинот на исхрана, начинот на однесување. Исто така, ваквите настани се значајни затоа што треба да го гледаме дијабетесот како состојба со која треба да се бороиме, а не како нешто што претсавува опасност за околината. Ова значи јакнење на свеста и кај младата популација, но и кај целокупното општество како треба да се однесуваме со препреките во животот, рече градоначалничката Наташа Петровска, која присуствуваше на настанот.
Присутните на овој настан имаа можност преку кратко видео што го подготвија учениците од II4 одделение во ОУ „Климент Охридски“ во Битола и нивната наставничка Весна Аврамовска Димитровска да видат како изгледа наставата во нивната училница, колку труд се вложува и што научиле од родителите и наставничката заеднички да се справуваат со секојдневните предизвици на нивните две другарчиња заболени од дијабетес.