АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Неговата екселенција, амбасадорот на САД Џес Бејли, на крајот од својот амбасадорски мандат во земјава, кој истекува на почетокот на месец март, оствари работна средба со градоначалничката на Општина Битола, Наташа Петровска.
На средбата беше разговарано за веќе добро етаблираните односи на амбасадата на САД и Општина Битола.
Градоначалничката Петровска изрази голема благодарност до амбасадорот Бејли за одигрувањето на клучната улога при приклучувањето на нашата земја во Северно-атланската алијанса. Со овој чекор земјата се наоѓа пред историски момент, затоа што допрва ќе бидат почувствувани придобивките од областа на зголемената безбедност, што пак претставува и сигурност за идните инвеститори на економски план. Таа го истакна значењето на готовата железничка траса кон граничниот премин Меџитлија, која и по железнички пат треба да ги олесни комуникациите меѓу двете земји, особено за размена на стоки, значајни за производствениот сектор.
Проектите кои што се реализирани на територијата на Општина Битола, а се потпомогнати од страна на Американската амбасада и УСАИД, исто така се најдоа во фокусот на средбата. Амбасадорот ја потврди одличната соработка на општината и Американското катче при што го потенцираше и одржаниот саем на креативци, како можност за развојот на претприемачкиот дух на младите. Градоначалничката Петровска ги посочи можностите за натамошна соработка, согласно потенцијалите кои Битола ги нуди како пограничен регион, опкружен со многу природни убавини, а истовремено и со големи економски потенцијал.