АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Јавните претпријатија „Стрежево“ и „Комуналец“ го исчситија отпадот од купишта расфрлени пелени во близина на вештачката акумулација „Стрежево“.
„Со механизацијата на ‘Стрежево’ и ‘Комуналец’ се исчисти исфрлениот комунален отпад. Известени се сите надлежни институции. Упатуваме благодарност до вистинските спортски риболовци. Добрата соработка меѓу нив и ЈП ‘Стрежево’ продолжува и понатаму. Акумулацијата да биде бисер на Битола“, напиша директорот Менде Граматковски на својот фејсбук профил.
Дивата депонија крај езерото ја забележаа спортски риболовци од Битола и за случајот го известија јавното претпријатие кое стопанисува со езерото, а фотографиите ги прикачија и на социјалните мрежи. По ова следуваше акција на „Стрежево“ и „Комуналец“ за расчистување на депонијата.
Директорот Граматковски рече дека иако сметот е исфрлен подалеку од акумулацијата, мора да се заштити околината. Тој додаде „граѓаните да бидат безгрижни зашто ова ќе се исчисти и нема да ја загади водата. Водиме максимална грижа и за водата и за живот свет во неа“.
(Фото: Директорот Менде Граматковски на местото на исчистената депонија)
Од вештачката акумулација „Стрежево“ битолски „Водовод“ користи вода преку лето кога потрошувачката на вода се зголемува, а се намалува капацитетот на водоснабдување од други зафати. Преку годината ова е едно од омилените места за рекреација на спортските риболовци.
Во близина на езерото има неколку села. Првпат се случува некој тука да исфрли пелени, а претходно имало случаи да се фрла градежен шут.