АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Владата ќе се задолжи во име на општините со нов кредит од 120 милиони евра за враќање на старите долгови. Со тие пари ќе се исплаќаат обврските кон добавувачите, а општините ќе го враќаат кредитот на подолг рок од 15 до 20 години, со пониски каматни стапки.
- За нас е многу важно да добиеме колку што е можно пониски каматни стапки и да добиеме можност по пат на преговарање за исплата на сите тие долгови кои општините ги имаат кон добавувачите и да добиеме подобри услови. Веруваме дека на тој начин ќе ги растовариме општините, ќе им дадеме ветер во грб за нивното унапредување во иднина, но исто така овие пари стигнуваат и до домашните компании на кои им должат општините. Истовремено парите ќе се искористат за нови инвестиции во Република Македонија, изјави премиерот Зоран Заев.
Според првичните анализи, дури 95 отсто од долгот на општините е кон домашни претпријатија. Тоа значи дека околу 100 милиони евра ќе легнат на сметките на фирмите. За општините да не влегуваат во нови долгови откако ќе се раздолжат, Владата планира и заштитен механизам. За градоначалниците да не трупаат нови долгови, можно е и активирање на внатрешни ревизии кои ќе го контролираат нивното работење.
Владата најавува и дека кога општините ќе се оспособат, до крајот на годинава, ќе им се пренесат дополнителни 100 милиони евра капитални инвестиции од државниот буџет кои сега ги распределува централната власт, за тие самите да ги користат за изградба на училишта, градинки, здравствени домови, домови на културата, управување со шумите и земјоделско земјиште, изградба на локални и регионални патишта, со цел од локално ниво, подобро и потранспарентно да им се даваат услуги на граѓаните. Се размислува и социјалната помош да се дели преку локалните власти.
На овој начин треба целосно ќе се спроведе Законот за рамномерен регионален развој, вели премиерот.
-Конечна цел е да ги пренесеме овие огромни суми на пари од сто милиони евра, а граѓаните да почувствуваат унапредување на услугите и унапредување на квалитетот на развојот на инфраструктурата, а не да биде кочница заради тоа што имаме и мали општини со помал капацитет за кои ќе им треба организација во делот на проектирање, имплементирање на одредени конкретни инфраструктурни проекти, но и организација во делот на менаџментот на одредени институции - рече Заев.