АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Со новите законски измени, посебната паралелка во ОУ „Ѓорѓи Сугарев“ прераснува во Центар за поддршка на учењето на децата со попреченост на територијата на Општина Битола, со што ќе се обезбеди инклузија на сите ученици кои што имаат одредени потешкотии.
Тие ќе можат да ги користат услугите на Центарот и да добијат поддршка за учење, личен развој и индивидуална надградба. Градоначалничката на Општина Битола Наташа Петровска, дел од директорите на битолските училишта, како и претставници на Центрите за поддршка на учењето на деца со попреченост од Охрид и Прилеп, присуствуваа на промоцијата на трансформираниот центар во ОУ „Ѓорѓи Сугарев“.
„Досега имаше одредена инклузивност на децата со попреченост, но не онака како што треба. Ме радува што се оформи Центарот, бидејќи тоа е вистинскиот начин како децата кои што се наоѓаат во другите образовни институции ќе добијат поддршка од Вас, за навистина да се почувствуваат како дел од средината во која што се наоѓаат. Честитки за тимот кој што ја направи оваа трансформација, особено до наставниците кои носат товар плус во својата работа. Локалната самоуправа ја дава поддршката како линк од формата во која што делувате и образовните институции, каде што треба да се реализира овој процес“, рече градоначалничката Наташа Петровска.
Во училиштето се опремени седум кабинети, односно логопедски кабинет, кабинет за психомоторна реедукација, сензорна соба, кабинет за асистивна технологија, кабинет за музико и арт терапија, монтесори кабинет и кабинет за ученици со аутистичен спектар во однесувањето.
„Заложбата резултираше со изработка на посебна програма, оформување на кабинети, проучување на новиот процес согласно Законот за основно образование и ова доведе до промена на Статутот на нашето училиште, со цел да се даде можност за образование на секое дете и максимални можности за учење и личен развој“, истакна директорот на ОУ „Ѓорѓи Сугарев“, Роберт Филиповски.
12 дефектолози, специјализирани едукатори и рехабилитатори, преку примена на современи методи и техники за едукација и рехабилитација, ќе работат со учениците со попреченост, со цел да се постигне максимален потенцијал за нивно активно учество во општеството.