АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Претставата на Народниот театар од Битола, „И коњите ги убиваат, зар не?“ победи на 55. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, а Мартин Кочовски ја доби наградата за најдобра режија на оваа претстава
Во продолжение го објавува освртот што порталот Апла.мк го објави ма 31 декември 2020 година кога премиерата беше прикажана онлајн поради корона кризата.
Моќна актерка игра и песна- „Само да рата не буде“ и „Миљатска“ во новата премиера на Народниот театар од Битола
Ретко уживање понуди вчерашната премиера на Народниот театар од Битола „И коњите ги убиваат, зар не?“ за оние кои одлучија 2020 година да ја испратат со театарска претстава. Претставата беше снимена и емитувана на јутјуб. Таа покажа што значи култура во ова време на некултура кога во услови на пандемија повеќето луѓе се во домовите каде се бомбардирани од турски сапиници, фејсбук озборувања и информации со црна хроника. Но, ја покажа и по кој знае кој пат моќта на Битолскиот народен театар, непресушна, кога се работи за безвремени теми како што е животот и големата актерска енергија со која се гине на сцената.
Незаменливиот Мартин Кочовски поставувајќи го на битолската сцена делото на Хорас Мекој напишано уште во четвртата деценија од минатиот век, всушност го прикажа животниот маратон на денешницата. Избраната случка од Америка во која луѓе за да заработат пари за егзистенција учествуваат на маратон во танц се додека не умрат, само му послужи како метафора за дејството на капиталистичкиот систем врз денешниот човек. Од таму и репликата на Илина Чореска како Глорија во претставата „системот е ист, парвилата исти“.
Ако во минатото имало маратони за танцување, па дел од ликовите во претставата велат дека животот им поминал трчајќи од еден на друг, но никако да ја земат наградата, така денес има матарони на реални шоу програми во кои луѓето исто се обидуваат да заработат, а други се забавуваат гледајќи туѓа беспомошност и надеж.
Но, главниот фокус е на капиталистичкото општество во кое луѓето како коњи трчаат (работат) за да стигнат до целта која никој не ја гледа. Трчаат, односно танцуваат, некои и до последните денови пред породувањето бремени жени, како што е ликот на Викторија Степановска - Руби иако другите ги советуваат да прекинат. И тогаш кога ќе се разочараат, кога ќе кажат дека работите се однапред наместени, и се е за џабе, спасот од разочарувањето го бараат во смртта. Така Роберт по барање на Глорија ја убива и вели „И коњите ги убиваат, зар не?“
Во претставата воодушевува музиката во изведба на „Фолтин“, но одлично се вклопуваат соло и хорските пеења на актерите на сцената. Од бројните музички нумери, впечаток оставаат легендарната „Само да рата не буде“ од Балашевиќ со моќна гласовна изведба од актерите и актерките, како и „Миљатска“ на Бешлиќ во изведба на Виторија Степановска и Филип Мирчевски како Руби и Џејмс. Како што Миљатска може да однесе мостови, така во претставата маратонската трка ги носи животите додека не паднат и последните маратонци, додека на сцена се вее тробојка од сина, бела и црвена боја, а сцената ротира. Сепак, надеж останува зашто од маратонот се раѓа и бебе, односно , нов живот кој во иднина ќе се соочи со предизвици. Исти или не? За жал, времето покажа дека и по осум децении останаа истите во суровиот свет на капитализмот. .