
АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
ФК ПЕЛИСТЕР ВО ХУМАНИТАРНА АКЦИЈА! Фудбалскиот клуб Пелистер Битола со донаторска акција за прерано починатиот спортски работник Зоран Петковски - Петкото. На 5 ноември (среда) во 17 часот првенствениот натпревар од редовното коло од македонската фудбалска лига помеѓу вечните ривали Пелистер и Врадар ќе има хуманитарна мисија, приходот од влезниците по цена од 200 денари ФК Пелистер ќе го донира на семејството Петковски. Натпреварот ќе се одржи на стадионот "Петар Милошевски" во Битола. Среда 5 ноември во 17 часот.
Драгана Кирковска, директорка на Ресурсниот центар "Кочо Рацин" Битола денеска застана во одбрана на професионалното работење и интегритетот на своите вработени, откако СВР Битола информира дека ученик во Заводот бил нападнат од негователка за што пријавил родителот. Директорката Кирковска смета дека никој не смее да биде обвинет и оцрнет пред јавноста без тоа да биде докажано.
СВР Битола информира - На 02.11.2025 во 23:30 часот во СВР Битола, 42-годишен штипјанец пријави дека во 20:00 часот, неговиот малолетен син, ученик во Заводот за рехабилитација на деца со оштетен слух во Битола, бил физички нападнат од една вработена негователка. Се преземаат мерки за расчистување на настанот.
Основното јавно обвинителство Битола ги гони организаторите на борби со кучиња во битолското село Црнеец, настан што ја згрози јавноста.
Ова следува откако СВР Битола објави дека девет мажи се лишени од слобода заради организирање на негелани борби со кучиња во двор од семејна куќа во селото Црнеец. Меѓу организаторите се четири лица од Косово, исто толку од Битола, и еден штопјанец, Но ОЈО битола наведува дека во организацијата учествувал и Грк.
Во соопштението на ОЈО Битола стои:
Основното јавно обвинителство Битола поведе постапка против две лица за кривично дело – Убивање и мачење животни од член 233 став 3 во врска со член 22 од Кривичниот законик.
Осомничените се 44-годишен посредник во организација на борби со кучиња и 43-годишник кој во дворот на семејна куќа во битолското село Црнеец подготвил заграден ринг каде се организирале борбите.
Со постапката за истото кривично дело се опфатени и еден грчки и еден косовски државјанин кои во моментот се во бегство. Сите заедно, на 1 ноември во вечерните часови, заради користољубие, грубо злоупотребувале и изложиле на непотребни маки куче од расата „пит бул”, сопственост на осомничениот грчки државјанин, наведувајќи го да се бори со куче од расата „американски стафорд“, сопственост на осомничениот косовски државјанин.
Во борбата кучето од расата „пит бул” се здобило со повреди – угризи од другото животно. Борбата ја следеле други лица од Косово, Грција и од Македонија, кај кои полициските службеници пронашле парични средства во различни апоени на евра и денари, а двајцата сопственици на кучињата во рингот веднаш по пристигнувањето на полицијата избегале од местото на настанот. Тие се идентификувани и по нив се трага.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Битола достави предлог за определување мерка притвор за македонските државјани инволвирани во организација на забранетите борби. Сепак, Судот донесе решение со кое им определи мерка куќен притвор. Битолското обвинителство ќе вложи жалба на одлуката.



Лидерот на СДСМ Венко Филипче вечерва најави сериозни кадровски промени во СДСМ. Засега останува отворено прашањето кој ќе сноси одговорност за поразителните резултати на СДСМ Битола на овие локални избори. Останува да се види дали Методија Куновски ќе ја предводи општинската организација на СДСМ Битола и во наредниот период? Дали ќе има промени во Извршниот одбор на партијата во Битола? Дали ќе бидат разрешени битолчани во Извршниот и Централниот одбор на СДСМ? На овие локални избори СДСМ Битола освои пет советнички мандати со освоени над 5000 гласови, а Куновски беше трет по бројот на гласови како кандидат за градоначланик.
Овие прашања се отвораат откако претседателот Филипче, вечерва по завршувањето на вториот круг од локалните избори, најави сериозни кадровски и политички промени во рамки на партијата.
„Овие избори се јасен патоказ за СДСМ, а секако и јасен патоказ за мене како претседател на партијата јасно е какви промени треба да се направат, и политички и кадровски. Како што веќе најавив, во следните денови ќе следуваат промени. Ќе се одржат седници на Извршниот и на Централниот одбор на кои ќе бидат презентирани и усвоени тие кадровски решенија,“ рече Филипче.
Претседателот Филипче исто така најави и дека партијата ќе свика Конгрес на кој ќе се разговара за идните политики и насоката во која СДСМ ќе се движи во следниот период.
