2win800x200

„Ај оој да се сликаш кај Манаки“

Мај 27, 2018

Во Битола од секогаш се пиело кафето зачинето со муабетот „а ле што збораш“ како синоним на социјализацијата, љубопитноста, но и малограѓанштина. Битола е препознатлива по  говорни изрази, што не се ни поговорки, ни пословици, можеби анегдоти, вистински случки и настани  кои лесно се паметат. „Не си на Данабаш ќерка, па да се контиш“, „Ај оој да се сликаш кај Манаки“,„Ми ја напрајвте куќата корзо“,„Шанкуре сам се чепка“, „Кај Фиќи на тераса“...

Токму овие говорни изрази симпатични и сочни ги пренесува хроничарот на Битола, професорот во пензија д-р Александар Стерјовски, во неговата најнова книга „Калеидоскоп“, што е дел од серијалот „Битолско десеткнижие“, издадена пред Нова година.

Стерјовски вели дека овие битолски изрази имаат „локална боја, локален јазик и амбиент, а бидејќи нудат и општоважечки пораки, живеат долго“.

Изразот „Ај оој да се сликаш кај Манаки“, битолчани го употребувале и се` уште го користат во прилика кога некој станува здодевен и го троши времето на другиот, ама и за спас од некоја погруба расправија „оди да се сликаш“, многу експлоатиран во Битола, особено фрекфентен додека Милтон Манаки, првиот снимател на Балканот, бил жив и фотографски активен.  

Кога пак децата и останатите од семејството ќе направеле од домот врвулица, битолчани го коростеле изразот „ми ја напрајфте куќата корзо“.

Тука е приказната за трите ќерки на Данабаш, едно од најбогатите битолски семејства меѓу двете светски војни, кои како одлика на нивниот статус се носеле елегантно и богато и дури станале синоним на убаво дотерани моми. Така и до денес останал изразот „не си на Данабаш ќерка“, за сите оние чии статус бил далеку од она што сакале да го прикажат со надворешниот изглед и што е поврзано со отменоста и богатството.

Особено впечатливи се пишувањата на хроничарот Стерјовски за изразот или ангедотата за „Шанкуре сам се чепка“. Овој израз битолчани го употребуваат и сега премногу често, во повеќе контексти, како израз за можен потенцијален фраер, за лице кое се замислува над сопствените капацитети, бељаџија, агресивен ама наивен.

- Кога некој пушта појас и сака сам да спори во Битола се вика „Ти не го чепкаш – Шанкуре сам се чепка“, што има значење и на омаловажување, пишува хроничарот, раскажувајќи ја приказната за Шанкуре како историска личност од периодот меѓу двете светски војни. Тој бил еден од бројните бездомници во Битола со посебни потреби, кои често служеле за  разбивање на монотонијата во градот, посебно во чаршијата и кои биле поврзани со други случки и изрази како „Шабан мајка“,„Муса кради јајца “ и „Васето улоото“, пишува Стерјовски.

И на крај за еден од најомилените говорни изрази и денес во Битола „Ојде по потелот“, особено кога се сака да се каже дека работата отишла во неповрат. За овој израз и мала сторија која вели дека некој селанец  од полето дошол напазар во Битола да продава кокошки и петли, истурил пороен дожд, кокошките ги продал, па пошто-зашто за поефтини пари и петелот го дал на Евреин кој бил малку ќефлеисан.

- Евреинов, кој врвел покрај Драгорот и малку полабаво го држел петелот, во еден момент му се откратил и летнал во реката. Евреинот по него . Абре-дебре, за да го фати, а петелот бега, а отстрана  го силат сеирџии. Во тоа време од озгора како што знаел Драгорот често да прави, се втурнала маса вода и ги завлекла и петелот и Евреинот. Оттогаш за некој кога ќе појде во неврат,  се вели  „Ојде по петелот“,наведува Стерјовски поткрепувајќи ја приказната со извадок од книгата „Битолските Евреи“ од Ѓорги Димовски-Цолев.

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани