АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Од Универзитетот сметаа дека е во нивни интерес да ми ја покријат целосно стипендијата доколку го продолжам моето образование таму, раскажува Дамјан Каранфиловски од Битола, кој успеа да се запише во првиот, односно ран круг на Универзитетот во Пенсилванија, Филаделфија, каде што доби целосна стипендија, која на годишно ниво изнесува 86.000 долари, објавува Факултети.мк.
Тој годинава ќе матурира во гимназијата „Јосип Броз Тито“ во Битола и при крајот на летото ќе замине за Америка. Вели дека ова е остварување на неговиот долгогодишен сон - да стане студент на престижен универзитет каде што ќе ги има потребните услови за да стекне што повеќе знаења. Каранфиловски како средношколец беше двократен првак на државни натпревари по хемија,а и сега размислува да студира биохемија.
Освоени високи резултати на американската матура
- Универзитетот од Пенсилванија беше првиот на кој аплицирав од деветте испланирани. Го одбрав бидејќи најмногу ме влечеше од осумте универзитети во Ајви-лигата, од кои секој е светски познат поради својот академски престиж, а најпознати се „Харвард“ и „Јеил“. Дел од мене се имаше откажано од идејата дека ќе ме примат на таков факултет, но високиот SAT резултат (американска матура) што го добив ме убеди барем да аплицирам. Универзитетот, како и многу други во неговиот ранг, има два круга за аплицирање, регуларен и ран круг. Осум илјади апликанти, вклучувајќи ме и мене, аплициравме на раниот круг и притоа се обврзавме дека ќе се запишеме на него доколку сме примени и добиеме соодветна финансиска помош - вели Каранфиловски.
Од осум илјади кандидати од светот, во раниот круг примени се 1.200 апликанти, што претставува околу половина од конечниот број студенти што ќе бидат дел од генерацијата на Каранфиловски. Универзитетот му одобри и целосна стипендија, која на годишно ниво изнесува 86.000 долари.
Најблиските пријатели скокаа повисоко од мене кога им ја соопштив радосната вест
- Овој универзитет ќе значи многу за мене. Ова е кулминацијата на петгодишен сон. Најтешки беа деновите кога ги чекав резултатите од SAT и резултатите од универзитетот. Денови во кои мајка ми го делеше со мене стресот како да е нејзин. Најблиските пријатели знаат колку многу го сакав ова и скокаа повисоко од мене кога ја споделив радосната вест, која не можев да се воздржам да не им ја соопштам дури и кога уште не знаев дека со сигурност ќе добијам целосна стипендија. Некогаш далеку во иднината, дипломата ќе ми отвори многу врати кон најразлични кариери, но во сегашноста, најскапоцени ми се сликите од лицата на моите пријатели и роднини кога дознаа дека го постигнав она по кое мечтаев - додава Каранфиловски.
Каранфиловски е познат по неговите солидни знаења од областа на хемијата, па планира да ги надгради во САД и е многу среќен што на универзитетот ќе има можност за практична настава.
Планира да студира биохемија
- Ќе учам на универзитет познат по својата академска екселенција. Ќе се префрлам од средина каде што немав услови да допрам епрувета во средина каде што ќе имам над 1.000 лаборатории на располагање. Во околина толку поразлична од нашата, имам среќа што меѓу глумци и деца на американски милијардери и политичари учат и двајца Македонци запишани лани - додава тој.
За уписите се подготвуваше активно една година, со пишување на главниот есеј на слободна тема, одговор на три кратки есејски прашања, полагање на американската матура - SAT, соединување на сите активности надвор од училиштето во едно сиви, берење препораки од професори и друго.