2win800x200

Мајката на повредената битолска ученичка е зачудена од однесувањето на директорката

Март 29, 2023

БИТОЛА – „Наместо да покаже емпатија кон девојчето за повредите и стресот, да ми ја донесе дома или да ја одведе на лекар, директорката ја храбреше ќерка ми дека ‘битно е жива’ и дека  е ‘голем јунак’“, вака сведочи за „Независен“,  С.Д. (38) години, мајка на девојчето од Средното медицинско училиште во Битола врз чиј грб вчера се урна дел од таванот од тоалетот во училиштето додека била на настава.

 

Родителите најавуваат тужба за директорката и училиштето за што веќе ангажираа и адвокат.

„Ќе тужиме со надеж да не се повтори оваа несреќа, не дај боже потешко да настрада и друго дете“, вели мајката на средношколката.  

Девојчето А.Д. (16) денеска остана дома и не отиде на училиште, сѐ уште е под стрес од вчерашната незгода кога дел од таванот во тоалетот и паднал врз грбот, па за да ја заштити главата има повреди и набиеници и на левата рака. Лекарите ја прегледаа вчера, а денеска девојчето било и на психолошки преглед.

Мајката е ужасната од постапката на Наташа Илиева, директор на училиштето „Д-р Јован Калаузи“ и вели дека при незгодата не покажала сочувство за детето туку се обидела да го релативизира проблемот, самата носејќи заклучоци дека нема видливи повреди.

„Детето е повреди констатирани на лекар, набиеници, модрици од ударот врз главата, грбот, а и левата рака ја боли. Синоќа никако не успеа да заспие, стравот и шокот си го направија своето. Наспроти инцидентот, директорката се обидела да ја замачка ситуација па и кажувала зборови дека е ‘јунак’, и дека ‘битно е жива’. Па уште ја тапкала по грбот и ја убедувала дека е добро. Најмалку што очекував да ми се јават, да ја донесат дома, живееме во село, или на лекар да ја однесат, а не да го замачкува случајот“, сведочи мајката, инаку жител на селото Кравари кое е речиси споено со Битола.

Непријатната случка се случила вчера нешто пред 9 часот кога девојчето влегло во тоалетот и во еден момент слушнала звук, по што дел од таванот се урнал врз неа. Реагирала инстинктивно, ја ставила раката на главата и се наведнала, но како што вели мајката, ситуација по овој стрес се искомплицирала кога заради паднатиот дел од таванот се заглавила вратата, па ја фатила паника кога не можела да излезе.

„Девојчето откако успеало да излезе од тоалетот се вратило на час, збунето, шокирано. Два часа поминала во клупата додека не почнало да се тресе и да ја боли раката. Тогаш по реакциите ја пуштија дома, а директорката ги заклучила тоалетите. Сите ние како родители ги праќаме децата на училиште мислејќи дека се на безбедно, дека некој се грижи за нив, ама ова покажа дека не било секогаш така“, вели мајката.

Веста за незгодата во Медицинско прва ја обелодени Општина Битола откако после неколку часа од настанот директорката ја известила општината дека паднал таванот, а дури отпосле на прашање на градоначалникот кажала и констатирала дека „при падот на таванот била незначително повредена ученичка“.

Коњановски веднаш испратил општинска комисија да изврши увид во состојбите во училиштето, а од неговиот кабинет потенцираа дека „Коњановски го контактираше семејството на повредената ученичка, при што беше информиран дека ученичката е исплашена и со родителите е во Клиничка болница, каде се прават испитувања поради болки во раката“. Градоначалникот побара одговорност од директорката која на функција дојде како кадар на СДСМ и избор на екс-градоначалничката Наташа Петровска, но потенцираше дека пред Нова година им понудил на школите средства за реконструкции и зафати по училиштата, но Илиева не побарала интервенција.

Веста за паднатиот таван врз главата на средношколката наиде на силна осуда кај битолската и македонската јавноста, па денеска ден по настанот, директорката Наташа Илиева реши да ја каже својата вистина, напоменувајќи уште на почеток да не се меша партија и политика.

„Настанот не треба да се злоупотребува од поединци и групи за добивање на партиски или политички поени и дека тоа не е во интерес на учениците и нивното подобро образование. Вистина е дека една ученичка била во тоалетот кога паднал дел од плафонот. Веднаш по настанот разговаравме со ученичката и, освен вознемиреност од настанот, таа немаше видливи повреди. Затоа, по нејзина волја, ученичката остана до крајот на часовите“,  вели Илиева во реакцијата.

Таа вели дека „тоалетите се реновирани пред четиригодини со средства од донации и досега не се појавил некој видлив и значителен проблем во нивното функционирање и поради тоа не се побарани средства за нивна повторна реконструкција ниту од општината, ниту од МОН“.

Илиева порача дека ќе продолжи да директорува- „ги уверувам учениците, родителите и целокупната јавност дека ќе продолжам да се грижам за успешна реализација на воспитно-образовниот процес“. А.Б

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани