АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
По повод патрониот празник на Горната гимназија „Јосип Броз Тито“-Битола, од печат излезе најновиот број на училишниот весник „Нова Веда“, со новинарски текстови од учениците и под менторство на професорот по македонски јазик, Никола Трајковски.
Промоцијата на третиот по ред број на „Нова Веда“ се случи синоќа во кафе-барот „Јагода“ на Широк Сокак, во присуство на голем број гости, ученици и професори, како дел од низата настани организирани од Гимназијата во рамките на прославата на патрониот празник.
„Новиот број на 'Нова Веда' целосно го презедоа учениците, мојата обврска беше само како ментор. На моја и на нивна радост, учениците кои се од првиот број активни сега станаа и уредници, сами преземаа иницијативи и овој број, а се надевам и сите наредни броеви ќе бидат нивен производ“, вели професорот Никола Трајковски за новиот број.
Како уредник на третиот број се потпишува Ева Ристевска, која е уште од самите почетоци во весникот, а текстовите ги потпишаа повеќето ученици кои пишуваа и во претходните броеви. На промоцијата беа презентирани и идните планови од новите членови и уредници во весникот.
Содржините во новиот број се од сите области: „Битолските кафичи некогаш и денес“, „Хаотична средношколска љубов“, „Музиката не може да се допре, но може да се почувствува“, и уште многу други теми кои се интересни за овие генерации на средношколци. Но, најголемо внимание предизвикаа анегдотите со професорите кои се најдоа на средните страници на новото издание на „Нова Веда“.
На промоцијата присуствуваа поголем број од професорите во Гимназијата, директорката Лидија Споа и ученици од сите четири години, кои го поздравија трудот и ангажманот на своите соученици кои во континуитет ги покажуваат и негуваат своите новинарски познавања и вештини.
Сите кои сакаат да го имаат новиот број на „Нова Веда“, можат да го купат вечерва на штандот на централната прослава на патрониот празник на Гимназијата која ќе се случи на платото пред Офицерскиот дом од 19:30 часот.