2win800x200

Жив човек нема пред бугарскиот конзулат во Битола

Септември 17, 2024
Бугарски конзулат Битола Бугарски конзулат Битола На скалите на бугарскиот конзулат порано чекаа по десетици луѓе. На 17 септември немаше никој (Фото: А. Блажевска)

Македонците кои сакаат да извадат бугарски пасоши сега одат во Државниот архив во Софија или Воениот архив во Велико Трново во потрага по документи за нивното бугарско потекло, објави nezavisen.mk

 

БИТОЛА – Сликата од вообичаеното чекање на клупите пред бугарскиот конзулат во Битола за бугарски пасош сега ја нема. Денес е празно пред вратите на конзулатот и покрај ширум отворената врата од објектот.

Порано, пред некоја година, особено за периодот на корона кризата апликантите за бугарски пасоши правеа големи гужви со долгите редици и паркирани автомобили пред објектот на конзулатот на Булевар „1 Мај“ во Битола, чекаа со часови да влезат во објектот, во напната атмосфера, но веќе не е така. Последниот период имаше по десеттина граѓани кои чекаа во дворот на објектот. Сега и таа фреквенција е релаксирана. 

Познавачите на состојбите велат дека е рано да се коментира дали последниот инцидент меѓу Бугарија и Македонија по неформалната посета на претседателката Гордана Силјановска-Давкова кај претседателот Румен Радев ќе има некакво влијание врз оние кои решиле да извадат бугарски пасош. Оние што сега вадат документи за бугарски пасош закажале за фотографирање или интервју од пред две недели и настаните од актуелните политички случувања би можеле да се рефлектираат подоцна, не сега.

Битолчани велат дека гужвата за вадење на бугарски пасоши не се гледа само пред конзулатот во Битола, туку и од гужвите пред банките со бугарски капитал, лоцирани во центарот на градот, оти на апликантите им се сугерира таму да ги уплатата средствата потребни за вадење на патната исправа.

Меѓутоа, наши соговорници упатени во случувањата, а чии блиски сакаат да извадат бугарски пасош велат дека напорите да се извади „европски пасош“ се пресметани кај оние што сакаат да го направат тоа.

Бидејќи за бугарски пасош се бара каков било документ кој ќе го потврди бугарско потекло на апликантот, Македонци чарето си го бараат во архивите во Бугарија.

Соговорници кои ги познаваат работите околу вадењето бугарски пасоши, ни тврдат дека Македонци одат во Државниот архив во Софија, вадат „читателна картица“ пребаруваат по реони, градови и села и вадат документи за бугарско потекло на нивните предци. За еден документ плаќале по околу 7 лева (3,5 евра). Ако не најдат во Архивот на Софија, потрагата ја продолжувале во Воениот архив во Велико Трново, каде имало документи архивирани од Министерството за одбрана, за секој еден Македонец што служел бугарска војска. Таму документот го плаќале двојно поскапо, околу  15 лева.

Бугарски конзулат Битола

На скалите на бугарскиот конзулат порано чекаа по десетици луѓе. На 17 септември немаше никој (Фото: А. Блажевска)

 

 

Потрагата по бугарски корени одела уште подалеку со пребарување во Архивот во Софија во делот на одделението и податоците од формирањето на Егзархијата во 1870 година.  Во тие документи на егзархиската архива стоеле информации за потеклото на оние македонски фамилии, верници, кои тогаш за време на Отоманската империја, се изјасниле како Бугари за да не одат во грчки цркви. За оние што сакаат да извадат бугарски пасош особено бил значаен документираниот период од создавањето на Егзархијата сѐ до завршувањето на Втората Светска војна, каде наоѓале податоци за дедо и прадедо пишани како верници во Бугарската црква.

Бугарскиот конзулат во Битола изминатите месеци е под истрага откако беше утврдено дека „се констатирани повеќе прекршоци, меѓу кои и дека хигиеничарката Весна Котевска вршела разговори со македонски државјани за стекнување бугарско државјанство“. Котевска е битолчанката и сѐ уште работи во конзулатот.

Бугарскиот премиер Димитар Главчев во август годинава, во Собранието истакна „дека е констатирано оти Генералниот конзулат во Битола наметнал работна практика со која ги насочува и всушност ги принудува своите клиенти да ги користат услугите само на УНИБАНК“. 

„Констатирани се неправилности и при обработката на барањата за стекнување бугарско државјанство. Генералниот конзулат во Битола има закажано часови за поднесување барања за стекнување бугарско државјанство значително над капацитетот за квалитетна услуга, обработка на документите и разговор со апликантите, што доведе до правење грешки“, рече Главчев и додаде дека дел од интервјуата воопшто не се направени или се направени набрзина и формално, според него, тоа е сериозен предуслов за постоење на коруптивни практики.

 

Извор https://nezavisen.mk/zhiv-chovek-nema-pred-bugarskiot-konzulat-vo-bitola/

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани